Заробена или блокирана држава.Сеедно е. И двете се нефункционални држави во кои расте гневот на граѓаните и се назадува во сите сфери, пишува во својот Фејсбук статус професорот Ѓорѓи Спасов.
-Не е доволно тогаш само да се лутите и обвинувате некого.Не е доволно точно да го посочите и осудите виновникот.Не е доволно тој да се моли да попушти.Потребен е лек и наоѓање излез според принципот на “помала штета”. Ако не можеш да набавиш вакцини, да спроведеш попис, да донесуваш закони во Собранието за нормално функционирање на економијата тогаш мора да ризикуваш.Мора да превземеш чекори од своја страна за надминување на проблемот.Слично на принципот со кој се обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот треба да се пристапи кон деблокирање на процесите.
Тогаш делумно се жртвуваше правдата за настаните од 27ми април. Но се направи исчекор. И сега сме безбедна земја со името Македонија која ,како што вели Заев, добила “имотен лист” кој меѓународното право го почитува.Сега можеби треба да се направи нова жртва пред апетитите на опозицијата. Треба да се седне и да се разговара.
Тој додава дека Законот за државјанства не треба да биде проблем.
-Нека се види кои се клучните барања на ВМРО ДПМНЕ. Ако треба и нека се одложи пописот за септември. Ако треба нека и се вети на опозицијата дека на половина од мандатот на сегашната влада тие ќе го предложат државниот јавен обвинител.Мицковски со сите негови маани и слабости треба да се прифати како рамноправен лидер со кој се дели и врши власта во законодавниот дом.Способноста на Заев за правење тешки компромиси со соседите за правење исчекор од статус кво на земјата сега треба да се покаже внатре во процесот на деблокирање на Собранието и на другите институции и процеси.
Парламентарното мнозинство нешто пак ќе жртвува. Но сите жртви до сега со кои се деблокираа некои процеси не ја смалија подршката за власта.А партиите од парламентарното мнозинство и немаат мандат сами да управуваат. И народот тоа ќе го разбере како нужност и како мудрост.Народот нема и не може да разбере само кога после се , некој ќе му рече “нема решение а не ние туку други се виновни за тоа”.
Виновни сме сите. И тие што треба да одлучуваат и тие што се ситат на блокадата и ние што немоќно гледаме сеир и навиваме те за едните те за другите. Не смееме да дозволиме одново да завладее мислењето дека “Не не бива”.Мора земјата со храбри потези внатре сега да ја врати надежта и верувањето дека “Ќе не биде”, пишува Спасов.