Спасовски: Бидете уверени дека со почитувањето на мерките со секој нов ден се приближуваме поблиску до целта

од Берта Китинска
270 прегледи

Ги повикувам граѓаните на Куманово, како и во другите градови на земјата, да прифатат дека сега е најважно да ги почитуваме мерките. Бидете уверени дека ако го правиме тоа, со секој нов ден се приближуваме поблиску до целта што си ја поставивме – да го запреме ширењето на вирусот и да го сочуваме здравјето на секој поединец и на заедницата, порача перку својот Фејсбук профил техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Тој додава  дека се преземени сите мерки. И за само 10 дена од 20 март до 1 април, преку мерките и иницијативите на Владата, во Општата Болница во Куманово, во Центарот за јавно здравје во овој град се доставени 2450 маски, 22.000 ракавици, 300 мантили, 60 скафандери, 1000 калјачи и 20 заштитни очила и одреден број заштитни визири.

-За зајакнување на капацитетите на лекарскиот и другиот медицински персонал во Општата Болница во Куманово се упатени по еден лекар од Штип и Скопје, кои практично ја водат работата на инфективното одделение во кумановската болница. Донесена e одлука за зголемување на персоналот и лекарите кои работат надвор од Куманово да се вратат на работа во Општа болница Куманово.

На иницијатива на Министерството за здравство спроведени се обуки на медицинските техничари во Куманово по препораките на СЗО за постапување со пациенти заболени од Ковид-19.

Службата за итна медицинска помош во Куманово доби возило кое е опремено и ставено во употреба за во ситуација кога тоа на градот му е најмногу потребно.

Овие интервенции за засилување на стручните ресурси во здравствените капацитети во Куманово се континуитет на постојаната поддршка и вложувања во оваа насока од 2017 година. Во јули минатата година е пуштен во употреба новоизградениот Ургентен центар во рамките на Општата Болница во Куманово, а оваа година во јануари се отвори дисперзираната логопедска амбуланта во Здравствениот дом во Куманово.

Лекарите и сите останати здравствени работници во ниту еден момент на отстапија. Да го следиме нивниот пример, да им ја дадеме нашата поддршка.

Тешко е. Никогаш до сега не сме се соочиле со оваа социјална и физичка изолација, но со секој нов ден стануваме и посилни и заштитени. Сега е моментот кога треба уште повеќе да се поврземе во заедничката битка против заканата од вирусот.

Да направиме сите заедно побргу да дојде денот кога сето ова ќе го оставиме зад нас, пишува Спасовски.

Слични содржини