Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница изјави дека интерпелацијата за членовите на Судскиот совет претставува кршење на Уставот и удар врз владеењето на правото.
„Парламентарното мнозинство со ова ја нарушува уставната рамка и правосудниот систем. Наместо реформи во судството, сведоци сме на операционализација на неуставна интерпелација“, изјави Спасовски.
Тој објасни дека согласно член 68 од Уставот, интерпелација може да се покрене само за функционери кои одговараат пред Собранието, а Судскиот совет е независно тело чии членови одговорност можат да сносат само пред самото тело.
„Ова е правен преседан кој ја урива поделбата на власта и создава дискриминација меѓу членовите на Судскиот совет“, додаде Спасовски.
Пратеникот нагласи дека статусот и надлежностите на Судскиот совет се прецизно утврдени во Уставот и Законот за Судскиот совет, кој како lex specialis ја гарантира неговата независност од законодавната и извршната власт.
Поради, како што рече, грубото кршење на уставниот поредок, пратеничката група на СДСМ најави дека нема да учествува во понатамошната расправа за интерпелацијата.