Спасовски на средба со државниот секретар на словенечкото МВР: Борбата против миграцијата како главен приоритет

од Nikola Popovski

Во рамки на унапредување на меѓународната билатерална соработка, Државната секретарка на МВР м-р Магдалена Несторовска беше домаќин на државниот секретар на МВР на Република СловенијаФранц Канглер, при што остварија средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На средбата беше потенцирана досегашната успешна соработка меѓу двете земји во областа на евроинтеграциите, која се заснова на меѓусебно почитување и искрено пријателство, при што министерот Спасовски упати искрена благодарност за досегашната континуирана и безрезервна поддршка што Република Словенија ѝ ја пружа на Република Северна Македонија во процесот на евроатланската интеграција.

Министерот Спасовски пред словенечкиот гостин ја образложи и потребата за склучување Имплементациски договор на основа на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа за воспоставување заеднички контакт центри за размена на информации меѓу договорните страни на Конвенцијата, чија цел е размена на информации меѓу Заедничките контакт-центри кои играат важна улога за зајакнување на прекуграничната соработка и придонесуваат кон борбата против прекуграничниот криминал и тероризам.

Државните секретари, во рамките на работниот состанок разговараа во насока на успешно справување со миграциската криза, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, како и потребата од склучување на засебен Протокол за соработка на Комисиите во областа на трговија со луѓе. Се дискутираше за потребата од соработка во областа на заедничките обуки меѓу државите и размена на искуства во областа на воздухопловството. Од страна на словенечкиот државен скретар Канглер беа презентирани приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ, активностите кои произлегуваат во рамките на Брдо Процесот, како и апсолутната словенечка поддршка на Република Северна Македонија кон полноправното членство во ЕУ.

Воедно, покрај средбите во МВР, државниот секретар на МВР на Република Словенија, во придружба со Директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР м-р Сашо Тасевски го посетија граничниот премин „Богородица“ во Гевгелија, како и групата од 54. Контингент на словенечките полициски службеници кои вршат заеднички операции за засилен надзор и контрола на јужната државна граница кон Република Грција, со цел спречување на илегалната миграција.

Слични содржини