Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска во Скопје во СРЦ „Борис Трајковски“ присуствуваа на отворањето на Централниот Меморијален турнир што традиционално го организира Здружението на членовите на загинатите припадници на вооружените сили „Херои на Македонија 2001-2015“.
Во своето поздравно обраќање министерот Спасовски истакна дека – “една од вредностите што нѐ зближува, нѐ облагородува морално и човечки – е традицијата, во којашто, меѓу другото, е вткаена колективната меморија за она што е доблесно, значајно, што ни е блиско и бесмртно… Во тој контекст и оваа Меморијална спортска манифестација ја има истата возвишена цел – собирајќи нѐ заедно, постојано да нѐ потсетува на сите наши драги колеги и пријатели, на нивните ликови и возвишени дела во името на слободата на нашата држава и нејзините граѓани“.
„Со длабока почит кон сите наши загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и кон нивните најблиски, членовите на нивните семејства, чијашто загуба е ненадоместлива, испраќаме силна и важна порака – дека никогаш не смееме да заборавиме што им должиме на хероите, дека имаме јасна обврска постојано да целиме кон подоброто, кон човечното, искористувајќи ги најдобро можностите што ни се дадени, бездруго и благодарение на нашите бранители“, потенцираше министерот Спасовски.
Инаку годинава Централниот меморијален фудбалски турнир за отворен го прогласи министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.