Вчера во Собранието поминаа новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, а реакциите се уште не стивнуваат. Опозицијата, експертската јавност како и дел од синдикалците во МВР се противеа на овие измени, чија што последна верзија беше донесена во соработка со ЕУ и ОБСЕ и ги следеше европските пракси. Тврдеа дека „се руши професионалноста, се укинуваат критериумите за образование и искуство, се отвора вратата за вдомување на партиски војници. Опозицијата одеше дотаму што истакнуваше дека „ова не е реформа, туку реставрација на груевизмот преку министерот Панче Тошковски“.
Каде се контроверзиите?
Според екс-министерот за внатрешни работи и актуелен пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски, факт е дека измените се направени заради партиски потреби и притоа, како што вели, освен политичка корист, не се добива ништо за подобрување на функционалноста ниту пак за правата на вработените.
-Има многу скандалозни решенија, пред се укинување на системот на кариера, условите за избор на директор на полиција, укинување на регионалните центри за гранични работи, бришење на условите за работно искуство за началниците на секторите за внатрешни работи…, истакнува Спасовски во изјава за „Локално“.
Според него, сето ова е показател дека партизацијата и депрофесионализацијата се основните принципи за носење на законите.
-Секако ваквиот пристап при носење на законите укажува на едно време кога полицијата и нејзините ресурси беа целосно во функција на партијата, додава Спасовски.
Во врска со написите објавени на одредени портали поврзани со измените на Законот за полиција со тврдења дека полицаец осуден за кривични дела нема да се отстрани од работа, Министерството за внатрешни работи синоќа најостро ги отфрли, како што вели, неточните и тенденциозни наводи. Од полицијата тврдат дека бришењето на членот 119 од Законот за полиција, кој досега го регулираше престанокот на работен однос на полициски службеници по правосилна пресуда, не значи укинување на санкционирањето, туку усогласување со новиот Закон за внатрешни работи и генералната регулатива од Законот за работни односи.
Од МВР соопштуваат дека предметната материја сега е регулирана во член 154 од новиот Закон за внатрешни работи, кој се однесува на сите вработени во Министерството, вклучително и на полициските службеници. Дополнително, додаваат оттаму, член 154 од ЗВР е во целост усогласен со член 99 од Законот за работни односи, кој го регулира прашањето на отказ поради правосилна судска одлука, изречена забрана, безбедносна мерка или казна затвор подолга од шест месеци.
Со ова, според полицијата, не само што не се укинува одговорноста, туку се постигнува усогласен, правно доследен и функционален пристап, без дуплирање на законски одредби во повеќе закони.
„Законот за полиција е специјален закон кој ги уредува само правата и обврските на полициските службеници, додека Законот за внатрешни работи важи за сите вработени во МВР, вклучително и полициските службеници. Квалификациите дека со измените се дозволува „осудени полицајци да останат на работа“ се неосновани, непрофесионални и ја дезинформираат јавноста, без да го земат предвид законскиот контекст и усогласеноста на прописите“, стои во соопштението од МВР.
Според Тошковски, станува збор за најдлабока и највсеопфатна реформа на полицискиот систем – од организациската поставеност, преку критериумите за напредување, до системот на кариера, интегритет и одговорност. Информира дека во подготовката на законите биле вклучени стручните служби на МВР, синдикатите, правни експерти и меѓународни партнери, а препораките на ГРЕКО и анализите на ОБСЕ се целосно интегрирани.
Според првиот полицаец во државата, со новиот Закон за внатрешни работи се поедноставува класификацијата на работните места, се воведува тест за раководење за секоја лидерска позиција, обуката станува задолжителна за сите раководители, се воведува тест за професионален интегритет – без политички влијанија, советничките позиции добиваат јасна правна рамка, се воспоставува транспарентен систем за човечки ресурси – од мобилност до развој на кариера.
-Со измените на Законот за полиција се воведуваат стручни критериуми за избор на директор на БЈБ – со искуство исклучиво во полицијата, ќе се отворат нови полициски станици во Сарај и Илинден, според безбедносните и територијални потреби, се усогласува внатрешната организација со новиот концепт на управување.
„Додека некои, било од незнаење, било од желба за политички поени, манипулираат и критикуваат без основа – ние остануваме посветени на суштината“, рече неодамна Тошковски, додавајќи дека целта е јасна: полиција што ќе им служи на граѓаните, а не на дневната политика.
Н.П.