„Прво, има уште долго време до изборите, и јас сега не сакам ниту да дебатирам на претпоставени прашања ниту пак на опции, за тоа дадов неколку пати одговори, ниту сум пак јас тој што ќе носи било какви одлуки во однос на изборните процеси. За овие прашања ќе се разговара во органите на партијата, како што се разговара и впрочем секогаш и тогаш ќе си биде донесена таква одлука каков ќе биде настапот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред или после изборите и тоа не е ексклузивно право на ниту еден поединец, тоа е право на оние коишто се дел од органите, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.
Тој посочи дека партијата има претседател, има раководство на партијата, коешто ќе разговара за настапот на претседателските избори и посочи дека неговиот став е многу јасен, односно дека проевропскиот фронт предводен од Социјалдемократскиот сојуз којшто има јасна визија, прави се државата да се движи во добар правец.
„Деновиве се изнаслушав разни шпекулации, информации и мислам дека одговарањето на ваквите шпекулации беспотребно ја троши енергијата и не оддалечува од целта. Јас напоменувам дека сум концентриран исклучиво на обврските на коишто ги имам во Министерството за внатрешни работи, кон граѓаните, бидејќи тоа ни е најважна работа, заклучи Спасовски.