Спасовски: СДСМ ја има најдобрата понуда – со таков концепт ќе настапиме и во Куманово

од Берта Китинска

СДСМ ја има најдобрата понуда и е фаворит на изборите. Секој одговорен човек, одговорен политичар носи одлуки како ќе настапува и врз основа на тоа и одговорност која ја ценат граѓаните, кажа потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ во врска со актуелниот градоначалник Максим Димитриевски кој поднесе независна кандидатура

-Политичкото семејство е важно. Сметам дека интересот на градот, интересот на државата и генерално сето она што значи заемна политика за еден сериозен напредок треба да биде ѕвезда водилка. Со таква политика, со таков концепт ќе настапиме на локалните избори секаде, па и во Куманово, рече потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски пред неколку дена објави дека е започнат процесот за собирање потписи за неговата независна кандидатура.

„Ние сме соочени да се натпреваруваме со кој било останат кандидат од која било политичка партија или граѓанска опција, затоа што нудиме добри решенија за нашиот град, за нашите граѓани и повеќе од јасно е дека и анализите го потврдуваат тоа“, потенцираше Димитриевски.

Тој посочи дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.

„Но, за жал исто така нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денеска се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денеска дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание“, додаде Димитриевски.

Слични содржини