Спасовски: Силна посветеност за изградба на современа полициска служба која ќе биде гарант на европските вредности

од Vladimir Zorba
101 прегледи

Во Канцеларијата на Советот на полициски синдикати од Европа (CESP) во Брисел, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на презентација на стратешкиот документ „Негување на семето на промените: Како новиот полициски пристап може да ја обликува иднината на Европа”.

Како што соопшти МВР, на презентацијата присуствувале претставници на Советот на полициските синдикати на Европа, на Советот на Европа, како и Рикардо Валадас, претседател на Советот на полициските синдикати на Европа.

-Високо ги цениме напорите на CESP и на сите партнери кои учествуваа во подготовката на овој нов значаен документ, за кој изразувам надеж дека ќе ги оствари визиите на неговите автори да биде нова светла и силна порака за секој полициски службеник и за полициското работење во Европа. Сепак, степенот на развој на интеграциите ги воедначува бројните полициски активности кои можеме да ги анализираме низ призмата на заеднички прашања или задачи што ги извршуваат повеќето или сите полициски служби во Европа. Со нетрпение очекуваме да се запознаеме со предложениот модел на унапредување на полициската професија, како и со новиот полициски пристап на одговор на современите безбедносни предизвици, рекол министерот Спасовски.

Искажал уверување дека со внимание ќе се пристапи кон анализа на предложените мерки и активности и, како што посочил, сите предлози кои се соодветни, реални, мерливи и применливи за условите и приликите во Северна Македонија, ќе бидат прифатени и ќе станат дел од редовното полициско работење.

– Токму во таа насока се одвива и професионалната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат. Заеднички, а со силна посветеност за изградба на современа полициска служба која ќе биде гарант на европските вредности, но и ќе работи во европски услови, успеавме да реализираме бројни успешни проекти кои имаа цел да ги подобрат условите за работа на полициските службеници и да ја промовираат полицијата во најпочитуваната институција во Република Северна Македонија, истакнал Спасовски, потенцирајќи ја отвореноста за продлабочување на таквата соработка, како со Македонскиот полициски синдикат, така и со Советот на европските полициски синдикати.

Слични содржини