Спасовски со благодарност до граѓаните и припадниците на полицијата

од Stefanija Kuzmanovska

Дозволете да упатам честитки за дијалогот и одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување на европскиот пат на нашата држава. Во оваа прилика дозволете во свое име и во име на раководството на МВР да се заблагодарам и да оддадам признание за припадниците на македонската полиција за пожртвуваноста и посветеноста во вршењето на своите професионални должности при обезбедувањето на мирот и стабилноста на граѓаните и на виталните државни институции за време на протестите, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Би сакал да истакнам дека севкупниот процес на дијалог и консултации помина во демократска атмосфера, со заштитено уставно загарантираното право на јавен собир (протест) на граѓаните. Но, не можам, а да не споменам дека во текот на овие протести, за жал, беа повредени 54 полициски службеници, од кои 11 потешко, а 2 со сериозни повреди и сето ова во период од 9 дена протестирање.

Притоа би потсетил и на фактот дека за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата, а на мое огромно задоволство не е повреден ниту еден граѓанин.

Морам да истакнам дека не е добро ниту еден полициски службеник да биде повреден и затоа беше од огромна важност организаторите на протестите да се однесуваат одговорно. Токму затоа секојдневно апелиравме за практикување на мирен протест.

Посебна благодарност до граѓаните кои покажаа свесност и зрелост да разберат дека одговорноста е заедничка и не дозволија да потпаднат под нечии сценарија за остварување на политички цели.

МВР останува во служба на граѓаните“, наведе Спасовски.

Слични содржини