Граѓаните треба да бидат спокојни кога има активности што придонесуваат за јакнење на безбедноста на државата, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на ТВ24. Тој кажа дека активностите на МВР даваат резултат.
-Ако погледнеме статистички за првите два месеца од 2023 година за разлика од првите два месеца во 2022 година за 31,55% имаме намалување на вкупниот криминалитет односно се што значи кривично дело. За 67,24% е намалено делото „тешка кражба“, а за 70,83% на „разбојништво“ во однос на истиот период лани. Ова е добро граѓаните да ги видат податоците. Тука имаме зголемување на ефикасноста, односно откривачката дејност, рече Спасовски.
Според него, на ваквите бројки влијаат активностите на МВР, односно акциите како што е „Безбеден град“, потоа активности во сообраќајот, но и акциите во угостителските објекти.
-Единствено криминалците и криминалните структури треба овие акции да ги загрижуваат, тие се заради безбедноста на нашите граѓани. Секој родител се интересира за безбедноста на објектите каде излегуваат нивните деца, затоа е важно вакви активности да има, кажа Спасовски.