Честитка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод Новата година.
-На прагот сме да ја пречекаме Новата 2023 година со нова надеж. Бидејќи велат, со каква енергија ќе ѝ посакаме добредојде, таква енергија ќе ни донесе во секој нов од 364-те денови. И, секако, да ја испратиме 2022, како година на големи очекувања, уште поголеми предизвици и реформи во глобални рамки и, секако во национални рамки, изјави Спасовски.
Тој зборуваше и за предизвиците со кои се соочува државата.
-Во суштина, само што здивна од пандемијата со корона вирусот, светот се соочи со нови кризи, пандемија од дезинформации, но и закани за мирот, стабилноста и безбедноста, миграции и климатски промени, а особено со закана од тероризам и насилен екстремизам, кои веќе ја менуваат визурата на нормалното секојдневје. Но, барем се обедини во ставот дека новото нормално изискува широк фронт, наше заедничко делување, посветеност и обединување во меѓународната коалиција за борба против современите безбедносни предизвици и геополитички случувања. И, тука почнува реформата на глобалната свест, вели Спасовски во честитката до граѓаните.
Првиот полицаец се осврна и на сето она што годинава е реализирано во МВР.
-Годината ја заокруживме си 78 комплетно реконструирани енергетско-ефикасни објекти, набавени униформи и опрема за сите организациони единици во МВР, 30% заштеди на електрична енергија и спроведена на дело агенда на сина униформа која се грижи за зелена околина. Покажавме дека можело од година во година да се подобруваат и резултатите за ефикасноста на полицијата, па поткрепено со статистички податоци да зборуваме за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, а зголемена ефикасност на полицијата за 30, 40, а во одредени области и за 70%. Како што знаете, одлични резултати беа постигнати и во спречувањето на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Тоа придонесе и за висока доверба кон полицијата од 50% отсто од испитаната јавност во анкетата на Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани, рече Спасовски.
Министерот истакна за идната 2023 година ни останува реформа на умот.
-Тоа е она што зависи само од нас и што, секако, имаме потенцијал да го постигнеме. Од најбаналните работи до најкомплексните. Да не седнуваме на волан ако сме консумирале алкохол или без поговор да ја почитуваме максимално дозволената брзина на патот, притоа размислувајќи со подеднаква грижа и за своето, но и за другите деца како учесници во сообраќајот. Или, да не нудиме пари за нешто што е обврска на системот да ни го обезбеди, а доколку некој ни побара, тоа веднаш да го пријавиме во полиција. Еве, уште еден пример, би рекол баш претпразничен – не им купувајте пиротехника на вашите деца, доколку не сакате да бидете директно одговорни за загрозување на нивното здравје или животот. Доколку сте сведоци на криминално дејствие, пријавете го во најбрз можен рок, затоа што доколку тоа не го сторите, токму вие може да станете следната жртва. И такви примери има безброј…, истакна Спасовски и додаде:
-Да ја направиме заеднички Новата 2023 да ни биде посреќна, помирна и побериќетна!