Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека МВР има посебен оперативен план како ќе постапува за време на празниците, а тоа значи дека секаде и во секој момент ќе има полициски службеници кои ќе вршат контрола дали обврските се почитуваат и дали некој придонесува за нарушување на состојбата со ширење на вирусот. Тој рече дека полицијата ќе постапува по пријава или по сознание, кое го добила.
– Ако се утврди дека навистина се случува организиран настан, се известува Јавниот обвинител и постапуваме врз основа на законот, појасни Спасовски.
Министерот за внатрешни работи информира дека полицијата деновиве растурила неколку забави.
– Синоќа се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Така што, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ. Апелирам уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно. Сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот, потенцира Спасовски и додаде дека има тенденција за намалување на новозаразените.
Спасовски уште еднаш порача за време на празниците да бидеме сите одговорни.
– Секој кој нема да ги почитува мерките, без разлика дали се работи за сопственик на вила за издавање или е граѓанин, кој учествува во такви настани, ќе бидат поднесени кривични пријави со кривична одговорност, бидејќи го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните, подвлече Спасовски.
Во врска со возачот на „бентлито“, кој помина низ украсите на скопскиот плоштад и заработи казна од 45 евра, министерот повтори дека смета оти казната е мала и дека во Владата размислуваат за менување на висината на пропишаните казни.
– Казната е за едно неодговорно бандитско однесување, коешто го нарушува мирот и спокојот на граѓаните. Планираме драстично да ги зголемиме казните за такво однесување, рече Спасовски.