Спасовски за инцидентот кај „Скендербег“: Казните треба да бидат пожестоки или се испраќа лоша порака

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека полицијата постапила навремено при инцидентот на плоштадот „Скендербег“ при протестите против францускиот предлог.

-На лице место имавме сили кои реагираа и не се случи нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем или не дозволивме тој инцидент да прерасне во поголем инцидент. МВР во овој дел покажа висока професионалност, Внатрешна контрола направи истражување и мислам дека можеме да кажеме дека се постапи на соодветен начин. Уапсени се три лица кои што имаа огнено оружје. Сите тие се изведени пред лицето на правдата, вели Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“.

Спасовски објасни дека не сака да ја коментира судската пресуда за лицето Цуфи Кока кое впери пиштол кон луѓе и пукаше во воздух при инцидентот кај „Скендебег“.

-Како правник не сакам да ги коментирам одлуките на судот, но дека се праќаат лоши пораки, се праќаат. Досега сум кажувал дека посебно во вакви околности, мора државата да има жесток и силен одговор кој што ќе ги одврати идните кои што би сакале на ваков начин да постапат. Во ниту еден случај или цел, вие не треба да нападнете полицаец и не можете да употребите оружје. Санкционирањата мора да бидат пожестоки, смета првиот човек на македонската полиција.

Цуфи Кока доби четири месеци затвор. Пред пресудата исто така се наоѓаше во осумдневен притвор.

Фото: Република

Слични содржини