Спасовски за кривичната: ВМРО-ДПМНЕ сака да го отргне вниманието од темите како трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба

„Имам лична дилема - дали на власта повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер“, реагира на кривичната пријава координаторот на пратеничката група на СДСМ за „Локално“

од Nikola Popovski
175 прегледи Фото: Фејсбук

Екс-министерот за внатрешни работи и актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека во целост ги отфрли наводите во, како што вели, т.н. пријава од Министерството за внатрешни работи за наводна злоупотреба на службената положба и овластување. Во изјава за „Локално“, порача дека не го изненадуваат ваквите методи.

-Ништо ново, МВРО-ВМРО се враќа на сцена. Секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта. ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го отргне вниманието од важните теми, трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба. Така да се е јасно, ова е класичен обид за политички прогон, за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта, истакнува пратеникот, додавајќи дека само има лична дилема – дали повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер.

МВР денеска објави дека, според кривичната пријава поднесена до ОЈО Скопје, додека ја вршел министерската функција, во текот на 2021 година, Спасовски ја искористил својата службена положба и овластување и на фирма за технички преглед во скопски Сарај ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5,5 милиони денари.

-Иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл. 65 ст. 3 од Законот за возила и чл. 5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила, соопштија од полицијата.

Се огласија и од матичната партија на Спасовски. Порачаа дека пријавата е против координаторот на нивната пратеничка група, баш кога во Собранието треба да биде поднесена Резолуцијата за мигрантите.

-Ова е класичен обид за политички прогон за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта. Сè ќе им пукне како меур од сапуница, граѓаните гледаат и знаат сè. Прашањето е едноставно, ќе ја потпишете Резолуцијата за мигрантите или не, рекоа, меѓу другото, од СДСМ.

Политички прогон за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта, велат од СДСМ за кривичната за Спасовски