СПМ во текот на изминатиот период правеше напори и поднесуваше барања, одржуваше средби и состаноци на синдикално ниво со повеќе институции и синдикати, а со крајна цел, остварување на подобри услови за работа на полициските службеници, а најважно и за повисоки плати, стои во барањето на Синдикатот на полиција во Македонија, преку кое се обраќаат до сите вработени во МВР.
Истакнуваат дека моменталната просечна плата која МВР ја исплаќа на полициските службеници е далеку од пристојна или нормална, односно истата е пониска од сите прифатливи стандарди за полициско работење во Балканот и во Европската унија.
-Иако, во текот на месец август беше донесен ребаланс на буџетот и согласно објавите на веб сајтовите во Македонија сопственост на новински агенции, но и сопственост на државни институции, беше најавено дека ќе има повеќе пари за МВР, како Синдикат се надевавме, а и понатаму се надеваме дека долговетуваното, долгоочекуваното и долгонајавуваното покачување во износ од, не помалку 10-15% на септемвриската плата, ќе биде дадено од страна на власта.
Како СПМ напоменуваме дека, доколку и тие 10-15% бидат дадени во Октомври, сепак, нема ништо позначително да значат или да ја подобрат ситуацијата на полицискиот службеник, а ветуваме дека ќе настојуваме и ќе продолжиме да бараме покачувања сѐ додека не биде исполнето нашето барање 1 евро – 1 бод и тоа во разумен рок од страна на власта.
Доколку пак, повторно, како и многупати до сега во изминатите години, повторно бидеме сведоци на лажни ветувања и претходно ветеното покачување во висина од 10-15% на платата не биде исплатено, ќе преземаме натамошни мерки, согласно позитивните законски прописи, интензивно ќе бараме средби со функционерите, ќе одржуваме состаноци и интензивно ќе продолжиме со нашата синдикална борба за повисоки плати и подобри услови за полицискиот службеник во Република Македонија.
Се уште веруваме и сме убедени дека пари за повисоки плати има обезбедено во Буџетот на МВР и тоа ИТНО мора да се провери“, се вели во соопштението на СПМ.