Американскиот режисер Оливер Стоун го смета претседателот на Русија Владимир Путин за “одличен раководител” на Русија.
Слични искази се содржат во новоиздадената книга на режисерот, во која се објавени целосните стенографи од интервјуата со рускиот претседател.
“Вие сте одличен шеф на претпријатие, а вашето претпријатие е Русија”, забележува Стоун, цитиран од агенциите.
“Може и да е така”, се согласува нескромно Путин во одговор на забелешката. “Сè е во координацијата. Сето тоа започнува со локализирањето на проблематичните области, со прашањата на кои треба да се побара одговор. Дури тогаш можеме да добиеме можност да ги решиме овие проблеми. ”
Премиерата на книгата за Путин на американскиот режисер се одржа во петокот, откако ден претходно на американската телевизија беше емитуван и последниот дел од четиричасовниот филм за рускиот политичар. Во него влегуваа сегменти од интервјуата на Путин, спроведени од самиот Стоун, за проблематични теми како руско-американските односи, украинската криза, распадот на СССР, ЕУ, светскиот тероризам, нуклеарната трка и многу други. Не беа игнорирани и личните прашања во врска со детството, младоста на Путин и неговата љубов кон спортот и уметноста.