Според посебен здравствен протокол, болните од Ковид-19 гласаат во домовите

од Берта Китинска
247 прегледи

Денешното гласање на болните од Ковид-19 и на лицата кои се во самоизолација се одвива според посеебно утврден здравствен протокол за заштита. Правото на глас денеска, два дена пред предвремените парламентарни избори, можат да го остварат 716 лица кои се пријавија во ДИК. Тие гласаат во нивните домови.

Посебните избирачки одбори кои одат да го спроведат гласањето во домовите на лицата кои се КОВИД- 19 позитивни и се во домашна изолација пред тргнувањето се опремуваат со лична заштитна опрема која се состои од: мантил за еднократка употреба, ракавици за еднократна употреба, заштитна стандардна хируршка маска и средство за дезинфекција.

Членовите на посебниот избирачки одбор заштитната опрема ја менуваат по завршување на гласањето на секој гласач, односно онолку пати колку што гласачи ќе гласаат. Лицето кое гласа задолжително носи заштитна маска преку нос и уста.

При самото влегување во внатрешниот простор најпрво лицето кое гласа ги дезинфицира рацете. При влез во домот на гласачот, пред да му се даде гласачкото ливче, на гласачот му се даваат заштитна маска доколку нема и задолжително, заштитни ракавици.

При подавање на личната карта, гласачот ја симнува накратко маската за идентификација и ја држи препорачаната дистанца од членовите на избирачкиот одбор.

Пред да му се даде гласачкото ливче на гласачот, задолжително е да ги дезинфицира рацете на кои има заштитни ракавици.

По завршеното гласање, лицето кое гласа повторно ги дезинфицира рацете.

Во целиот процес на гласање задолжително се обезбедува физичка дистанца од 1,0-1,5 метар. Не се спроведува дезинфекција на гласачката кутија после секој гласач.

По завршување на процесот личната заштитна опрема се отстранува.

Диспозијата на искористената лична заштитна опрема се спроведува со ставање во црна пластична кеса која се затвора со леплива трака. Отпадот се третира како комунален отпад.

Слични содржини