Лидерите на седум балкански земји од Брдо ја повикаа ЕУ да ги забрза преговорите со земјите кандидати за членство. Претседателите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија и Хрватска на десеттиот состанок на процесот Брдо – Бриони усвоија заедничка декларација во која наведоа дека силно поддржуваат отворање на преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, како прашање на итност, без понатамошни одложувања. На самитот земјите учесници не успеаја да се договорат за „бетонирање“ на границите на Западен Балкан. Најцврст став по ова прашање имаше претседателот на Србија, Александар Вучиќ. За тоа дали има простор за промена на границите и креирањето на геостратегиите и геополитиките во регионот „Локално“ поразговара со неколку актуелни и поранешни политичари на оваа тема.
Промена на границите се можни само со нова војна, со нови страдања и крвопролевања и со ново назадување, овој пат од стотина години за сите држави во регионот, вклучително и за ЕУ како целина, вели лидерот на „Интегра“, Љупчо Ристовски, кој смета дека прашањата за нон пејперот кој мистериозно се појави е од тежок калибар и одговорот на истото би бил силна детерминантна за понатамошно движење и инкорпорирање во заедничкиот ЕУ простор.
-Србија и Косово не се ни блиску до решение на т.н. Косовско прашање, од икс причини. Србија уште долго ќе калкулира и одолговлекува по прашањето за државноста на Косово. И таквиот процес ќе биде поттикнуван и охрабруван од сериозниот застој во прифаќањето на Косово како држава, со сите компоненти на држава, од страна на доминантниот дел на меѓународната заедница, вклучително и на држави членки на ЕУ. Ова е сериозна состојба која не ќе може да се премости ниту со еднострано фаворизираниот пристап од страна на една од најмоќните држави во светот – САД. Србија на самитот се држеше стриктно до формулацијата од Резолуцијата на ОН, што е мудро во ваква констелација. Тоа пак, исто така укажува дека Србија не размислува надвор од рамката за решение кое ја нуди Резолуцијата на ОН за Косово, но и принципите за неменливост на границите според ОН. Сепак, мислам дека постои скриена агенда со која српскиот естаблишмент си остава простор за маневар со Република Српска во БиХ федерацијата, но и за северно Косово. Како и да е, мојата анализа говори дека како заклучок, слободно може да се каже дека генерално доминира ставот за неменливост на границите, дека таа е пораката која регионот ја испраќа до меѓународната заедница и до ЕУ особено. Промена на границите се можни само со нова војна, со нови страдања и крвопролевања и со ново назадување, овој пат од стотина години за сите држави во регионот, вклучително и за ЕУ како целина, вели Ристовски.
Според политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, прашањето за “менување на граници” веројатно би било дискутирано како содржина на политичкиот памфлет.
-Прво, треба да ни биде јасно дека Самитот Брдо-Бриони немаше никогаш амбиции за усогласување на одлуки кои би биле некакво решение на големи проблеми во меѓусебните односи. Без разлика што средбата е на ниво на претседатели на држави, јас би рекол дека во суштина самитот испраќа порака дека секогаш дијалогот е најдобрата алатка за надминување на недоразбирањата и афирмирање на цивилизациските евроатлантски вредности. Прашањето за “менување на граници” прокламиран со некаков нон-пејпер веројатно било дискутирано како содржина на политичкиот памфлет, но не дотолку да се завземен цврст став за нешто што не било сериозно поставено како можно решение.Ставот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ сигурно се разликувал, затоа што тој се повикува на теории кои за него важеле пред да станат независна држави Косово и Црна Гора. Можно е во комбинација да му биде и Република Спрска со државни граници надвор од Босна и Херцеговина. Едно е сигурно, Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора се членки на НАТО, а внатре во Косово е КФОР и нема ни теоретски шанси некој со сила да наметне менување на државни граници!, објаснува Рамадани.
ЕУ не треба да дозволи одредена членка да употреби вето за субстандардни барања
За Ристовски декларативните заложби не се доволни, тој смета дека тие се добри како порака, но не се доволни за сериозен исчекор кон ЕУ.
-Истовремено, процесите кои се одвиваат во рамките на ЕУ, особено после излегувањето на Британија од Унијата, се назадувачки во секоја смисла. Германија и Франција не се доволен катализатор на интегративните процеси, особено не и поради фактот што и меѓу нив самите како држави има отворени прашања, неисцелени историски рани, но и постои премолчено ривалство која држава од нив двете ќе го има преемството во ЕУ. После заминувањето на Меркел од кормилото на Германија, но и после сериозната политичка и државна криза во Франција, се` поизвесно е дека ќе има сериозно поместување на геостратегиите во Европа, ќе нараснуваат суверенистичките тенденции на државите и ќе слабее кохезивната компонента на Унијата. На повидок се нови економско финансиски кризи од големи размери, Грција е во сериозна должничка состојба која има потенцијал и претензии да го разниша финансискиот простор на ЕУ, зад неа се и Италија, Шпанија и Португалија кои се исто така во сериозна должничка криза, Бугарија и Романија се сериозен товар на Унијата. Така што, генерално земено на ЕУ не и „цветаат рози“, иако се` уште се силна економска зона, пристојно витални за да се справат со заканите и предизвиците кои се тековни и идни. Заморот од проширувањето е видлив, но тоа повеќе говори за внатрешни слабости на Унијата, отколку за надворешни ризици кои извираат од евентуално забрзан процес на ЕУ интеграција на државите од т.н. Западен Балкан, вклучително и на Македонија и Албанија, објаснува тој.
Рамадани вели дека класичен пример како не треба да се однесува ЕУ е спорот наметнат од Републка Бугарија кон Северна Македонија
-Во врска со прашањето за бавниот интеграционен процес кон членството на Западниот Балкан во ЕУ ставовите биле јасно поставени. Со право е изразено незадоволство кон ЕУ дека доцни во пристапот кон земјите на Западен Балкан во подготовките кои диктираат оптимална динамика за полноправно членство. ЕУ не треба да дозволи одредена земја членка да употреби вето за субстандардни барања кои одат до апсурд за земја која ги исполнила сите критериуми и стандарди однапред поставени од ЕК. Класичен пример како не треба да се однесува ЕУ е спорот наметнат од Републка Бугарија кон Северна Македонија, вели аналитичарот.
Македонија се наоѓа на линијата на фронтот
Интеграцијата во ЕУ, начелно е во ред, доколку е базирана на здрави и цврсти основи. Но, доколку се гради на „песочни основи“, нема да дојде до напредок, напротив ќе детериорираат процесите и ќе се замрзнат досегашните придобивки од истите. Во случајот со Француските `дриблања на своја половина` минатите години, како и со последователното непријателство кон Македонија од страна на бугарскиот екстремизам на официјална Софија, станува збор за координиран пристап во оспорување на геостратегискиот примат на Америка во Македонија и регионот, вели претседателот на „Интегра“.
Според него сериозни разузнавачки информации говорат дека француко – руската врска проработела во врска со прашањето за Македонија по линија на 130 години старата Биизмарковата премиса: „Кој ја контролира долината на реката Вардар, тој е господар на целиот регион на Балкан“.
– Оттука, неодамнешните тврдења на светските центри на моќ, дека Македонија се наоѓа на линијата на фронтот, не се далеку од стварноста ниту денес. Колку подолго се чека за влез во ЕУ, колку подолго се држат вратите на ЕУ затворени за фрагилните гео политички точки на Балканот, но и колку подолго се притиска кон супресирање на македонскиот национален стратегиски интерес и македонскиот народ во татковината Македонија, толку се поголеми опасностите по Европа, затоа што се држи отворена големата врата за влез на големо, на радикалниот македонски национализам на просторите на Балканот. Моите проценки се дека песочниот часовник истекува, дека веќе се отпочнати процесите на радикализација на македонскиот национализам и дека ваквата состојба на предолго понижување на цел еден осознаен народ – македонскиот, состојба на континуирано одземање на националната гордост и достоинство по линија на координиран притисок и уцени на сите екстремизми во соседството, но и неодговорени од клучните меѓународни фактори и ЕУ, врз правдољубивиот македонски народ, нема да заврши на добро, за никого. Мојот совет, кој јавно го упатувам честопати, особено до Американскиот фактор во регионот, е да се престане со процесите на супресирање по линија на `македонското` во татковината Македонија и да се прифати македонскиот национален стратегиски интерес како рамноправен партнер на меѓународната политичка сцена. Во таа насока, пораката е и до македонскиот политички корпус, да стават прст на чело и да престанат со сеење на раздори помеѓу браќа и отпочнување на прооцес на исцеление на длабоките рани на внатрешни делби, процес на обнова на македонското национално ткиво и враќање и востоличување на македонското национално единство во татковината Македонија, вели тој.
Рамадани смета дека ЕУ не може да решава сериозни политички проблеми без инволвирање на САД.
-Во право е претседателот Пендаровски со ставот кој го изразил и на Самитот Брдо-Бриони дека ЕУ не завземала поцврст став кон апсурдното барање на нејзината членка Република Бугарија за да не ја спречи РСМ во одржувањето на меѓу владината коференција со ЕУ и дефинирањето на рамката за отпочнување на преговорите. Претседателот Пендаровски јасно им порачал на структурите на ЕУ дека ваквото нивно однесување остава простор да се наметнуваат други сили со нивна идеологија ја која создава збунетост и дилеми за европската перспектива и нејзините вредности. Повикот е ултимативен од Самитот дека ЕУ треба брзо и ефикасно да го стави Западен Балкан во свои прегратки со сите механизми кои ги има на располагање. Нормално, во испомош да се вклучи и САД со својот добро познат прагматизам во разврска на спорови кои се пречка за регионална соработка како предуслов за полноправно членство и во ЕУ. Но мораме да покажеме, и со вакви средби дека регионалната соработка е важна компонента за пристап во ЕУ. Најдобар пример ни се земјите на Вишеград, Балтичките земји и Нордискиот регион. Пример кој треба да се следи и да ни биде патоказ кон евроатлантскиите интеграции. Ваквите самити треба да добиваат суштина, објаснува тој.
На прашањето дали на самитот во јуни Северна Македонија и Албанија може да очекуваат одлука за старт на преговорите со Унијата и двајцата соговорници се децидни дека мали се шансите тоа да се случи.
– Дури и да имаше политичка влада во Софија, таквиот исход е невозможен, пред се` поради добро познатиот екстремизам на официјална Бугарија. Безброј пати сме ваделе аргументи на јавна сцена, зошто не смее да се дозволи било кој и било чиј екстремизам да се `изживува` во буквална смисла на зборот, врз еден слободољубив народ, да му се негира правото на постоење, во историски контекст и по сопствен избор. Во третата декада на 21-от век не смее да дозволиме ниту ние како нација и држава, ниту клучните меѓународни фактори, да се негира нашето постоење, постоењето на цел еден народ, да се оспорува нашиот идентитет, да трпиме понижувања на јавна сцена и други да ни кажуваат кои сме и што сме. Кој им го дава тоа право? И зошто ние како држава и нација им доволуваме на сите други да не оспоруваат и третираат како да не постоиме. Имаме ли национална гордост и достоинство како народ?, прашува Ристовски.
Политичкиот аналитичар Рамадани смета дека активностите за евентуален договор за Европскиот совет во месец јуни може да донесе позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија.
-Се интензивираат, иако мали се шансите. Но, да се надеваме имаме право, и кога се очекувањата со мали шанси. Кога се сака и се настојува може да се најде модус виведи за да се отпочне со преговорите со ЕУ, а во меѓу време Република Бугарија да се преиспита што може да биде тема за преговори со РСМ а што не може- тоа треба да им го појасни самата ЕУ чија членка е од 2007, вели тој.
Одвојувањето од Албанија ќе ги радикализира односите во земјата
-Таквиот чин ќе ги радикализира односите внатре во Македонија со албанската етничка заедница и генерално ќе ја загрози ЕУ перспективата на целиот регион. Албанија секако го има правото да го оди својот пат кон ЕУ, необременета од нечии туѓи проблеми, погледнато од нивни аспект. Но, ако се земе во предвид чувствителноста на односите во регионот, нерешеното Косовско – Српско прашање, нараснатите екстремизми во албанскиот етнички политички кампус во Македонија и потенцијалната експлозивност на меѓу етничките односи, сепак мудро е да се движат процесите во пакет, многу повеќе и поради моќната порака која се праќа со извесната ЕУ перспектива за народите од регионот. Сепак, ЕУ идејата се` уште има кохезивна моќ и сила да ги неутрализира конфликтните критички точки во регионот. Затоа, целата енергија на ЕУ естаблишментот и особено на моќниот и влијателен американски фактор во регионот мора да биде насочена кон кревање на сидрото кое бугарскиот екстремизам го држи укотвено премногу долго, со претензии да не потопи сите заедно, евентуален нов силен бран на екстремизам, со силни национал шовинистички примеси вели Ристовски.
Рамадани смета дека не смее да се повтори Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година
-Такво нешто нема да се случи. На Самитот на НАТО во Букурешт 2008 бевме заедно кандидати со Албанија и Хрватска, ние останавме надвор од НАТО за да ни се случи регрес до квалификација – заробена држава. Мислам дека последните средби на претседателот Пендаровски и премиерот Заев со челниците на ЕУ, како и посетите на влијателни земји од Министерот за надворешни работи Османи и вицепремиерот Димитров го одработија тоа што значи морална и политичка одговорност на ЕУ кон нашата земја, вели тој.
Пендаровски кажа една голема вистина
-Очигледно е дека некои други геополитички актери ги користат слабостите на ЕУ, а богами и некои наши политички кругови добиваат алиби по нивно толкување за ширење на евроскептицизам. Претседателот Пендаровски на Самитот кажа една голема вистина која не може да се занемари. Факт е дека Русија и Кина силно пенетрираат во Западен Балкан за да го завземат просторот кој недоволно гео-политички го покрива ЕУ, смета политичкиот аналитичар.
За Рамадани, со Турција сме гео-стратешки поврзани како сојузници во НАТО.
-Кога се однесува за нас, Турција ни е традиционален пријател. Да не бидам сфатен погрешно, ние немаме ништо против Русија и Кина, но тие треба да го прифатат фактот дека ние сме земја членка на НАТО и стремиме сериозно за членство во ЕУ. Затоа, не треба да ни се мешаат во нашата определба за евроатлантска интеграција. Впрочем, тоа е определба на апсолутното мнозинство на нашите граѓани и тоа треба да се почитува и од нивна страна. Нашата реалност дава многу други можности за соработка и взаемно почитување, вели тој.
За професорот Нано Ружин зацврстена е оската на прозападната ориентација на С.Македонија со самото членство на НАТО и аспирациите во ЕУ.
-Тука не се работи за гео-стратешка битка, туку за гео-економска битка. Живееме во епоха кога е надмината традиционалната дипломатија и желбата за освојување на територии туку сега се употребува така наречена soft power diplomacy, односно употреба на разни алатки да влијанете врз јавното мислење и политичката елита да се приоближи кон заинтересираната држава. Затоа не може да зборуваме за гео-стратегија туку за гео-политика која се манифестира како гео-економија. Типичен пример за тоа е задолжувањето на Црна Гора и позициите кои со долгот од една милијарда ги доби Кина во Црна Гора, вели Ружни .
Тој смета дека Западот не ја има загубено геополитичката позиција на Балканот, но фактот е дека во кризата со пандемијата, шаховските фигури на Кина, Турција и донекаде Русија наредуваа на Балканот.
-Оваа еволуција поседува и значајна псхихолошк димензија преку успешното соочување на Р. Србија со Ковид 19 потпирајќи се на поддршката на Кина и Русија. Времето работи за овие држави доколку ЕУ и натаму го одолговлекува отпочнувањето на преговорите со Скопје, вели Ружин.
Б.М.