Србија ја потпишала декларацијата на ЕУ за Белорусија: „Се надеваме дека Лукашенко нема да ни се налути“

од Nikola Popovski
134 прегледи

Српската премиерка Ана Брнабиќ во четвртокот потврдила дека Белград се приклучил на Декларацијата на ЕУ за Белорусија претходно оваа недела и изразила надеж дека белорускиот претседател Александар Лукашенко „нема да им се налути“.

Амбасадорите на ЕУ и САД во Белград ,Сем Фабризи и Ентони Годфри го поздравиле овој потег.

На 11-ти август ЕУ усвои Декларација за претседателските избори во Белорусија, во која се вели дека граѓаните на Белорусија „покажале желба за демократски промени“, но дека изборите „не биле ниту слободни ниту фер“.

Белорусија ја тресат протести од објавувањето на резултатите од претседателските избори на 9-ти август, на кои Лукашенко освои 80 проценти од гласовите, а кои опозицијата ги смета за лажирани.

Потпишувањето на декларацијата е „она што Србија треба да го направи како дел од усогласувањето на српската политика со европската политика“, им рекла Брнабиќ на новинарите за време на посетата на Факултетот за ликовни уметности во Белград, додавајќи дека се надева оти Лукашенко „нема да им се налути“, пренесоа локалните агенции.

Брнабиќ ги оцени односите и соработката на Србија со Белорусија како добри. Таа истакна дека Србија никогаш нема да заборави дека Лукашенко е „единствениот државник на светот кој ја посетил Србија за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година“.