Србија ќе ѝ даде на Македонија четири локомотиви, а за возврат ќе добие стари вагони за репарација

од Nikola Popovski
549 прегледи

Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и еден од вицепремиерите на Владата, Иван Стоилковиќ вчера информира дека за време на изминатиот викенд, преговарале со српската Влада за четири локомотиви кои во наредните 10-15 дена ќе се стават на располагање на „Македонски железници“.

Станува збор за локомотиви за товарен сообраќај.

-Кога немате локомотиви, не можете транспортот да го префрлите од Гевгелија од Табановце. Србите ќе добијат од „Македонски железници“ стари вагони кои ќе ги репарираат. Најверојатно е бизнис-зделка. Мојата работа беше само да обезбедам политичка поддршка овие локомотиви што побрзо да се појават и да почнат да функционираат. Се надевам дека многу брзо ќе се сликаме во Ниш со надлежниот српски министер, рече Стоилковиќ во емисијата „Вести плус“.

Министерот не сакаше да коментира околу најавата за престанок на изградбата на пругата кон Бугарија и пренасочување на парите кон обновување на пругата Гевгелија – Табановце.

Официјална Софија изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.

Новиот директор на „Желеници и Инфраструктра“, Синиша Ивановски вчера соопшти дека пругата кон Бугарија се распаѓа и урива, а арматурата како да е направена од цевки за пиење сок и претставувала голем ризик за патниците.

Слични содржини