Министерот за земјоделство и шумарство, Љупчо Николовски денеска информираше дека српската забрана за извоз на житни култури нема да важи за регионот и С. Македонија.
-Претставниците на српската влада и Кабинетот на претседателот Вучиќ денес потврдија дека одлуката за стопирање на извозот на жито нема да важи за договорените количини кои се потребни за нашата мелничка индустрија, односно одлуката нема да важи за регионот, рече Николовски на брифингот во Владата.
Според него, на денешната средба со останатите министри од регионот се испратило порака на смиреност.
-Во моментов имаме доволно залихи околу 45 илјади тони пченица, над 10 илјади тони пченка и околу 9 илјади тони јачмен. Ги следиме сите информации со останатите министерства и добивме уверување дека Србија ќе продолжи да се грижи за снабдување со неопходните продукти, изјави Николовски.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека земјата во четврток ќе го прекине извозот на нафта, пченица, пченка и брашно, а тамошната Влада подготвила уредба за увозот на енергенси.