Србија побара од Русија да ги зголеми испораките на гас за претстојниот зимски период, изјави српскиот вицепремиер Александар Вулин на маргините на Евроазискиот економски форум „Верона“ во Обединетите Арапски Емирати.
„Веќе побаравме зголемување на залихите и веќе ги зголемивме набавките“, изјави Вулин, пренесе денеска РИА Новости.
Вулин објасни дека одлуката за зголемување на залихите е наменета само за зимата, додека за следниот период се планира нов договор. Иако очекува потешкотии во врска со плаќањата за гас, Вулин вели дека е уверен дека испораките од Русија ќе се одвиваат без проблеми, и покрај евентуалниот прекин на транзитот низ Украина од 2025 година.
Вулин посочи дека државата ќе направи се што е потребно за да се обезбеди плаќање на гасот. Како што рече, Србија се надева дека наскоро ќе се договори за реализација на проектот за нафтоводот со Унгарија, кој ќе ја поврзе земјата со рускиот нафтовод Дружба.
Вулин рече и дека Србија планира да заврши физибилити студија за изградба на нафтовод до крајот на оваа година. Руската агенција забележува дека Србија претходно се договорила за изградба на дел од гасоводот во должина од 128 километри, чија проценета вредност е 100 милиони евра, меѓу Нови Сад и селото Алџо во Унгарија, во близина на границата.
Изградбата на нафтоводот меѓу Србија и Унгарија, кој ќе биде поврзан со нафтоводот Дружба, ќе трае најмалку две до три години, изјави шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Гергељ Гуљас, додава агенцијата РИА Новости.