Српскиот кризен штаб денеска донесе одлука за ограничување на работното време на кафулињата и рестораните, како и на трговските центри низ целата земја до 14 часот за време на викендот, додека давателите на услуги како фризери ќе можат да работат до 20 часот, а продавниците за храна до 21 часот, рекла министерката за работа и член на кризниот штаб, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ.
„Ние мора да бидеме одговорни и совесни, иако ни е доста од сè, вирусот ја користи секоја наша слабост“, рече Кисиќ Тепавчевиќ на прес-конференцијата на Кризниот штаб. Таа изјави дека сите угостителски објекти ќе работат од 6 до 14 часот, без оглед дали имаат тераса, а по 14 часот е дозволена само достава.
Објектите во ски центрите можат да служат храна и пијалоци само на отворено, до 14 часот. Услугата за достава на храна ќе биде дозволена 24 часа на ден. Хотелите можат да служат храна и пијалоци на сите посетители до 14 часот, а потоа само на оние кои се сместени во нив.
Трговските центри, фитнес центрите, фудбалските балони ќе бидат отворени од 6 до 14 часот. Објектите што го задржуваат претходното работно време се трговските објекти, аптеките, бензинските пумпи, лекарските ординации, ветеринарните клиники, рече Кисиќ Тепавчевиќ. Фризерските салони можат да бидат отворени до 20 часот.