Средба Митрески-Дрекслер: Kонтинуирана и нeсмалена германска поддршка на патот кон ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска имаше средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер. На средбата присуствуваа и Доминик Кеберлинг, раководител на Одделот за култура и стипендии во германската амбасада и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Како што соопшти Собранието, упатувајќи му честитки за изборот на функцијата, амбасадорката Дрекслер ја повтори континуираната и несмалена поддршка на Германија на нашата земја, вклучително и на германскиот Бундестаг на патот кон ЕУ.

„Особено беше поздравена интензивираната парламентарна соработка на сите нивоа и размената на искуства и експертиза меѓу пратениците и службите од двата парламента. На средбата, беше пројавен интерес за преостанатите обврски на Собранието до завршувањето на овој парламентарен мандат“, се наведува во соопштението од Собранието.

Митрески се заблагодарил за честитките, повторно изразувајќи особена благодарност на германската држава и народ за изгласаната резолуција во Бундестагот, со која се оддава почит на посебноста на македонскиот народ, јазик и култура.

„На денот на мајчиниот јазик, 21 февруари, овој чин за нас претставува уште една потврда за прифаќањето на различностите и единственоста на секој народ, кое не треба да биде негирано ниту во Европа, ниту во светот“, се посочува во соопштението.

Во однос на парламентарната соработка, Митрески ја издвои соработката за независно полициско обезбедување со Бундестагот и практиките кои германските експерти ги споделуваат со нас за заокружување на овој процес. Истиот е значаен од многу аспекти, но се издвојува заради концептот на целосно издвојување на Собранието како законодавна власт, вклучително и на ниво на независна администрација и на ниво на финансиска самостојност.

Денешната средба, како што се посочува, беше искористена и за запознавање со избраните ИПС стипендисти за оваа година, Стефани Јовческа и Христина Стефановска, кои од 1 март ќе работат кај германски пратеници во Бундестагот. Иницијативата на германската држава за постоењето на ваква стипендија беше општо поздравена од присутните, како и програмата за престој во Собранието на Република Северна Македонија, која од 2009 година се реализира за овие млади лица. Беа потврдени досегашните позитивни искуства од претходните стипендисти и можноста, пред да заминат во Берлин, директно да се запознаат со начинот на работа и функционирањето на Собранието.

Генералната секретарка Иванова, посакувајќи им успех во нивниот престој во Германија, истакна дека стипендистите се наши амбасадори во Бундестагот и во текот на нивното стажирање, ќе бидат уште еден мост на поврзување меѓу двата парламента.

„Особено задоволство беше искажано за интересот на стипендистите да се вратат дома и да продолжат со работа во институциите и во Собранието и со своите стекнати знаења да придонесат за унапредување на реформските процеси во државата“, се додава во соопштението.

ИПС е традиционална активност на германскиот Бундестаг, кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од 50 различни земји да се запознаат со парламентарниот систем на Германија. Во Република Северна Македонија, проектот се реализира од 2001 година, а заклучно со програмата за 2023 година, досега од земјата учествувале 51 стипендисти. Нивниот стаж опфаќа работа кај германски пратеник во Бундестагот на Сојузна Република Германија, во периодот од 1 март до 31 јули. Почнувајќи од 2009 година наваму, селектираните кандидати пред да заминат во Берлин имаат можност за пракса и запознавање со работата на Собранието, со што тоа е едно од ретките парламенти кои им обезбедува ваква можност на избраните стипендисти.

Слични содржини