Средба на Димитров, Коѕијас и Нимиц во среда во Виена

од desk4

Шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас на 25 април, в среда попладне ќе имаат состанок со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц, потврди Министерството за надворешни работи.

Грчкиот информативен портал Ин  објави дека новата средба се планира под голема тајност. Според порталот, на средбата се очекува да се разговара за временската рамка за спроведување на евентуалниот договор.

„ Многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид“ пишува Ин.

Димитров и Коѕијас разговараа во Охрид пред десетина дена. Таму најавија средби и на двете конференции во Грција, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.

Првата е регионална конференција со учество на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, која веќе неколку пати се има одржано во истиот формат и се однесува на меѓуграничната соработка.

На 11 и 12 мај, местото Сунио на 70-тина километри во Атина, познато по Храмот на Посејдон, ќе биде домаќин на Конференцијата за иднината на Европа.

Слични содржини