Средношколец од државата Висконсин ги убил своите родители како дел од поширок заговор за атентат на американскиот претседател Доналд Трамп, објави американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Седумнаесетгодишниот Никита Касап е обвинет за убиство на неговата мајка Татјана Касап (35) и очувот Доналд Мајер (51), чии тела беа пронајдени на 28 февруари во нивниот дом.
Во новооткриениот налог за претрес се наведува дека во телефонот на Касап била пронајдена содржина поврзана со неонацистичката група наречена „Редот на деветте ќошиња“, како и изрази на восхит кон Адолф Хитлер, јавува Би-Би-Си.
Инспекторите открија и серија антисемитски текстови во кои обвинетиот наводно детално опишал план за атентат на Трамп како дел од пошироката цел за соборување на американската влада, се наведува во судските документи.
Касап е обвинет за убиство од прв степен, како и за седум други кривични дела, вклучувајќи прикривање трупови и кражба на идентитет.
Телата на неговите родители биле откриени кога локалните власти дошле во нивниот дом во селото Ваукеша, наделува од Милвоки, откако Касап не дошол на училиште две недели.
Според кривичната пријава, Мајер починал од прострелна рана во главата, додека мајката починала од повеќе прострелни рани, најверојатно на или околу 11 февруари.
Истиот ден кога биле пронајдени телата, Касап бил задржан од полицијата во Канзас додека возел Фолксваген Атлас од 2018 година што му припаѓал на неговиот очув, соопштија од тамошната полиција.
Во возилото биле пронајдени пиштол Смит и Весон со калибар .357, сопственост на г-дин Мајер, четири кредитни картички на убиената двојка, голема количина накит, отворен сеф и 14.000 долари (околу 10.700 фунти), од кои повеќето биле скриени во Библија.
Според налогот за претрес, во записите што ги пронашле истражителите, Касап изразил идеи за превласт на белата раса и повикал на атентат на претседателот за да се поттикне политичка револуција.
Наводното двојно убиство беше опишано како обид да се добијат финансиски средства и лична слобода потребни за извршување на неговиот план, велат истражителите. Судските документи откриваат и дека Касап комуницирал со луѓе од Русија за неговите намери да ги убие своите родители.
Властите тврдат дека тинејџерот набавил дрон и експлозив за планираниот напад и дека планирал да побегне во Украина. „Тој бил во контакт со други лица во врска со неговиот план да го убие претседателот и да ја собори владата на Соединетите Американски Држави“, се вели во извештајот на ФБИ.
На 9 април, Касап имал прелиминарно сослушување во судот, каде што не се изјаснил за виновен. Следното рочиште, на кое официјално ќе му бидат претставени обвиненијата, е закажано за 7 мај во окружниот суд во Ваукеша. Тој е задржан со кауција од 1 милион долари.