Претседателот на српската Демократска партија (ДС), Зоран Лутовац, изјавил дека конститутивната седница на српскиот парламент, закажана за 6 февруари, „не е стратешко туку тактичко прашање“ и додал дека бојкотот на таа седница не значи дека партијата ќе ја бојкотира работата на парламентот.
Лутовац на седницата на Главниот одбор на неговата партија во Белград рекол дека опозицијата нема да ги врати мандатите бидејќи, според неговите зборови, тоа не е целисходно.
„Нема говор за легитимноста на овој режим. Фатени се како крадат. Нас ни пречи и тајмингот на седницата. Зошто е закажана за 6 февруари, а на 8 февруари ќе се усвои резолуцијата на ЕП за изборите во Србија? Идејата е да не стават пред свршен чин“, посочил Лутовац.
Тој оценил дека резолуцијата не е за „непочитување“ и дека не е „државничко и мудро“ што, како што рече, српскиот претседател Александар Вучиќ така се однесува кон тој документ на ЕП.
Лутовац изјавил дека партијата со која тој претседава нема да преговара со Вучиќ и со претставниците на Српската напредна партија (СНС), бидејќи ДС е „остра и алтернативна опозиција“.
Кажал дека едно од решенијата за излез од политичката криза во Србија би можело да биде формирање на техничка влада, која, според него, е модел кој дал добри резултати во соседството и обезбедил фер избори.
„Едно од решенијата за излез од кризата може да биде преодна влада по моделот на Северна Македонија и Црна Гора со посредство на ЕУ. Тоа може да биде патот до фер избори“, оценил Лутовац.