Српски проф. за „Локално“: Советодавен референдум за доверба на Вучиќ не е предвиден со Уставот, го смислија за да ги задушат протестите

од Nikola Popovski
49 прегледи

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ денеска изјави дека опозицијата не поддржува одржување на референдум за доверба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ бидејќи, како што истакна, резултатите би биле поразителни за нив. Тој тврди дека се шират разни информации и дезинформации за наводни испитувања на јавното мислење од кои се чини дека Вучиќ нема поддршка и посочи дека сите знаат дека ситуацијата е поинаква.

„Не само истражувањата, туку и изборите покажуваат дека (Вучиќ) победил, два пати победил во првиот круг. Кога имате ситуација кога претседателот Вучиќ е најпопуларен политичар, има најголема поддршка, а од друга страна е целосно дезавуирани од разни опозициски или активистички движења и партии, тогаш имате реакција, што значи, ако е така, да провериме и да бидеме на чисто дали ние како влада имаме поддршка или не“, рекол Дачиќ, нагласувајќи дека таква е идејата за советодавен референдум. Прецизирал дека доколку се утврди дека нема таква поддршка, самиот претседател на Србија изјавил дека ќе поднесе оставка.

Со сличен став е и претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ која денеска порачала дека советодавниот референдум за импичмент на Вучиќ е најдемократскиот начин за промена на власта, но дека тоа не и одговара на опозицијата бидејќи, како што истакна, се тие имаат за цел да ги подигнат тензиите во општеството. Брнабиќ смета дека Вучиќ е критикуван дека се крие зад народот и праша „зад кого треба да се крие легитимно избран претседател ако не зад својот народ“.

Брнабиќ истакна дека советодавниот референдум дава можност за решавање на сите тензии и проблеми на најдемократски начин. „Крај на сите тензии на демократски начин, не мора да не бркаат по улица, нема блокади, нема малтретирање на граѓаните, ништо повеќе. На чекор сме до решение, но зошто да не сакате, зошто насилство, зошто бегате да го прашате народот“, прашала Брнабиќ, додавајќи дека за референдумот се потребни 67 потписи од пратеници од опозицијата, со оглед на тоа дека од владејачката коалиција има 111, а референдумот би се одржал со референдумското прашање: „Дали мислите дека Собранието треба да покрене постапка за импичмент на претседателот?“.

Српската јавност е поделена во прашањето за решавање на политичката криза. Голем дел се на страната на граѓанското движење и протестите на студентите, но добар дел се уште ги поддржува политиките на тамошната власт.

Дали референдум за „поддршка на Вучиќ“ е доволен за да се задржи на власт и да се смири ситуацијата?

Според професорот и политички аналитичар, Јово Бакиќ, референдумот не е тема од две причини.

-Прво секој референдум спроведен од авторитарен режим е нелегитимен, бидејќи контролираните средства за масовна комуникација спречуваат целосно и сеопфатно информирање на граѓаните воопшто, а особено на темата на референдумот. Како второ и дополнително, советодавниот референдум за доверба на претседателот не е предвиден со Устав и затоа би бил неуставен. Режимот го смисли за да ги задуши протестите, а тоа нема да се случи, вели Бакиќ во изјава за „Локално“.

Српските власти го споменуваа и предлагаа Белград и како можно место за одржување на долгонајавуваната историска средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Тврдеа дека во Србија уживаат голема популарност и американскиот и рускиот претседател и дека нивната земја ниту формално ниту суштински не е членка на воените блокови предводени од САД или од Русија. Сепак, според Бакиќ, Србија во овој момент е најповолната точка во Европа за организираниот криминал.

-Претставниците на организираниот криминал кој ја киднапираше Република Србија сметаат дека таквата средба ќе придонесе за раст на угледот на авторитарно-криминалниот режим. Не верувам дека ќе дојде до таа средба, оценува социологот, додавајќи дека „актуелната власт прави се што е во нејзина моќ да го оттргне вниманието од протестите и да се обиде некако да ја контролира штетата“.

Денеска кај нашиот северен сосед треба да пристигнат руски експерти за да ги продолжат разговорите со српските власти за Нафтената индустрија на Србија (НИС), на која САД ѝ воведе санкции поради руската сопственост. Вучиќ веќе најави дека им рекол на Русите дека треба да предложат решение за НИС и дека единственото нешто што нема да дозволи е Србија да остане без нафтени деривати. Како што истакна, тоа е услов за исполнување на целта Србија да стане најбрзо растечка земја во Европа. Тој повтори дека Србија нема да ја национализира НИС и да одзема имот од Русите или од кој било друг. Според соговорникот од Белград, „самиот шеф на српската држава им ја предложил оваа санкција на САД“.

-Прво слушнавме за тоа од него, а амбасадорот Хил потоа рече дека САД немаат намера да воведат санкции кон НИС. Сето тоа со цел да се обидат да ја купат нивната поддршка за одржување на власта, заклучува Бакиќ.

Според експертите, разрешување на претседателот се покренува само во случај на повреда на Уставот и таквата постапка се покренува со третина од пратениците во Парламентот. За иницијативата и за тоа дали претседателот го повредил Уставот треба да се изјасни и Уставниот суд, но ни тоа не е крај на предвидената процедура,  Доколку и судиите на Уставниот суд потврдат дека има прекршување на Уставот, случајот се враќа во Парламентот , каде пратениците со дветретинско мнозинство, мора да ја потврдат таквата одлука. Експертите , затоа, оценуваат дека нема никаква варијанта за „советодавен референдум“ преку кој би можел да се тргне од власт, односно да се смени од функцијата, претседателот на државата.

Н.П.

Слични содржини