Педијатарот од белградската Универзитетска детска клиника, д-р Дејан Паниќ бил суспендиран поради транспарент што го објавил на својот Фејсбук профил, на кој алудира на недозволената посета на претседателот Александар Вучиќ и министерот за здравство Златибор Лончар на пациентите од Македонија кои беа хоспитализирани после трагедијат во Кочани. Поради прекршување на лекарската етика, студентите во блокада вчера го објавија шестото барање кое се однесува на одговорност на сите кои дозволиле ваков „упад“ во болничките соби.
Како што објавија дел од српските медиуми, министерот Лончар побарал од Лекарската комора на Србија да покрене дисциплинска постапка за одземање на лиценцата на доктор Паниќ.
Откако на својот Фејсбук профил објавил дека држи транспарент со натпис „Нема интензивна нега за чациевци, кога ќе не види подобро да бега“, доктор Паниќ е суспендиран од функцијата во болницата, со образложение дека го прекршил кодексот на лекарска етика.
Дел од српската јавност обвинува дека етичките правила не важат подеднакво за сите. Откако тешко повредените во пожарот во Кочани беа пренесени на Одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Белград, претседателот на Србија, придружуван од министерот за здравство, како и неколку новинарски екипи од провладините медиуми отишле во посета на најтешко повредените и тоа пред да го сторат нивните најблиски членови на семејство и роднини.
„Бараме итно покренување на постапката за утврдување одговорност и разрешување на директорот на УКЦС, директорот на Ургентниот центар, раководителот на интензивна нега за дозволување неовластено влегување на физички лица и новинари во одделението за интензивна нега на УКЦС без заштитна опрема и со снимање на пациенти, што меѓу другото грубо го загрозува нивното здравје и правото на приватност“, се вели во барањето на студентите во блокада.
Во Србија 29 тешко повредени лица беа згрижени и се наоѓаа во четири здравствени домови – Воената болница и Клинички центар во Ниш, Воено-медицинската академија во Белград и Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија. И голем број македонски граѓани на социјалните мрежи остро го осудија начинот на кој Вучиќ ги посети тешко повредените пациенти од Кочани.