Српските демократи негираат дека имаат паралелна разузнавачка служба во Србија

од desk4
121 прегледи

– Српската опозициска Демократска партија (ДС) на Драган Шутановац денеска ги отфрил како невистинити твдењата на лидерот на движењето Доста Беше (ДЈБ), Саша Радуловиќ за постоењето на нивна паралелна партиска разузнавачка служба во Србија.

Радуловиќ тврди дека лидерот на опозициското Движење за слободни граѓани (ДСГ), Саша Јанковиќ во 2014 година му признал оти веќе десетина години во Србија „функционира паралелен безбедносен и разузнавачки систем“.

Радуловиќ тврди дека пред три години Јанковиќ, кој тогаш беше народен правобранител на Србија, побарал средба со него околу состојбата во Владата на Ивица Дачиќ.

– Јанковиќ ми рече дека Демократската пратија во 2004 година почнала да гради паралелен систем на државна безбедност, со апарати за следење и прислушување и дека таа служба сега веќе е посилна, помодерна и подобро опремена од државната служба за безбедност, тврди Радуловиќ, кој во 2014 беше српски министер за економија.

Обвинувањата на Радуловиќ претставуваат продолжение на вербалната војна што веќе неколку дена се води меѓу српската опозиција во пресрет на изборите за органите на локалната власт на Белград предвидени за на пролет.

Полемиката почна неделава откако членот на раководството на ДСГ, Срѓан Шкоро ја напушти партијата и преку провладините медиуми остро го напада партискиот лидер Саша Јанковиќ, а продолжија со препукувањата меѓу Јанковиќ и лидерот на ДС, Шутановац околу меѓусебната соработка.

Во полемика се вклучи и Радуловиќ, кој на социјалните мрежи го обвини Јанковиќ дека е лажго, на што тој му возврати дека треба да побара лекарска помош. Радуловиќ по ова го обвини Јанковиќ дека е соработник на разузнавачаката служба БИА, како и дека ДС, покрај тоа што има паралелна разнавачка служба, има и долгови кон поранешниот лидер Драган Ѓилас од 800.000 евра. Тој го нападна и поранешниот шеф на српската дипломатија и лидер на новоформираната Народната партија, Вук Јеремиќ дека е „руски човек“, кој добил пет милини евра од министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Се огласи и Ѓилас, кој на текстот во „Вечерни новости“ со наслов „Од Јанковиќ се отргнува и Ѓилас“, на Твитер одговори дека „продолжува спинувањето на провладините медиуми против опозицијата“. – Верувам дека опозицијата ќе биде уште посилна, по обидите на власта да ја разбие одвнатре, објави Ѓилас.

Јеремиќ, исто така, преку Твитер повика на единство. – Нападот врз кого било во опозицијата, е напад врз пролетните избори за Белград. Денеска метата е ДСГ, а утре некој друг од нас. Да не даваме да не скараат, напиша Јеремиќ.

Јанковиќ исто така ја повика опозицијата да прекине со поделбите и навредите. – Погледнете не: се караме, се делиме и навредуваме, дури и оние кои јадевме од иста чинија, па наскоро и сами себе ќе се изедеме. Доста беше, да се освестиме, објави Јанковиќ на Твитер.

Денешен „Данас“ во анализата на случувањата во опозицијата оценува дека Јанковиќ, кој досега имаше најдобар рејтинг во опозицијата, полека ја губи популарноста. Според „Данас“, излез за Јанковиќ од таквата ситуација е можниот договор кандидат на опозицијата за градоначалник на Белград да биде Ѓилас, кого го подржува Народната партија на Јеремиќ.

„Данас“ тврди дека Ѓилас и покрај тоа што се уште не донел конечна одлука кандидатурата за градоначалник, во моментов не отстапува од соработката со Јанковиќ и Јеремиќ.