Сојузот на синдикати на Македонија не се откажува од барањето за зголемувањето на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати за 6000 денари. Ова беа пораките од денешната блокада на Владата на булеварот „Илинденска“. Поради тоа, премиерот Христијан Мицкоски и останатите министри пристигнале пешки до зградата на Владата, каде што се одржува владината седница.
Според првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, блокадите ќе продолжат, но, во останатите градови низ државата, со по 21 човек, колку што е законски потребно за да се оствари една блокада. Како што иинформира Трендафилов, целта е да блокираат носителите на јавните функции кои што доаѓаат од внатрешноста на Македонија.
-Денеска сме тука 24 луѓе, колку што има 24 министри. Имавме одлука на претседателството на ССМ – не исклучуваме ваквите таргетирани протести со 21 човек на улица, да продолжат и по градовите по потреба, со цел да предизвикаме функционерите да доаѓаат пешки на работа. Оставаме простор до крај на февруари да седнат и да кажат за колку пари ќе го зголемат минималецот и сите останати работнички плати. Веќе немаат аргументи. Да ни се потсмеваат и да ни кажуваат како минималната плата треба да изнесува 800 евра, ама не сакаат да ја зголемат е нешто што е несериозно во една демократска држава, рече денес Трендафилов во изјава за медиумите.