ССНМ и ЗНМ за отпуштањето на вработени во ТВ Алфа: Добиле откази бидејќи побарале да им се исплатат задоцнетите плати

од Берта Китинска
366 прегледи

По одлуката на телевизија Алфа да отпушти шест работници, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција побараа поддршка за нивните колеги.

– Сакам да ве информирам, да укажам и да побарам поддршка во оваа прилика за шестемина наши колеги, членови на ССНМ, кои оваа недела добија откази во Телевизија Алфа и наместо редовни плати, додатоци и К-15 за новогодишните празници, добија неизвесност за нивната егзистенција, но и за нивните семејства, откако директорот на Алфа телевизија, Јани Бојаџи во знак на реваншизам им врачи откази, спротивни на Законот за работни односи, изјави претседателот на Синдикатот, Павле Беловски.

Во своето обраќање, тој нагласи дека директорот на телевизијата „свесно го крши Законот за работни односи”, отпуштајќи и еден од претставниците на ССНМ во Телевизија Алфа, кого Законот го штити од отказ, а ваквата одлука ја образложува дека е од деловни причини.

Случајот е пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош.

Слични содржини