Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) го осудува и го смета за недозволиво политички партии и нејзини пратеници да етикетираат и омаловажуваат новинари, како што во изминативе неколку дена се прави кон вработените во телевизија Телма од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивни пратеници.

Јавното етикетирањето на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма.

Во таа насока ССНМ бара од првиот човек на Собранието во иднина да реагира на вакви притисоци и напади врз медиуми изговорени од собраниската говорница со оглед на тоа што во Кодексот на пратениците јасно стои: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.

ССНМ од политичарите и партиите бара во својата политичка реторика и дебата со политичките неистомисленици да не ги инволвираат медиумите, односно новинарите со етикетирање и напади врз нив. Во спротивно, ССНМ ќе ги смета партиите и политичарите за одговорни за се позачестениот политички говор на омраза кон новинарите, но и за нарушување на угледот и самоцензура кај новинарите.

ССНМ потсетува дека работењето на медиумите е регулирано со Законот за Аудиовизулени медиумски услуги, постојат независни тела за оценување на стандардите и етиката во работењето на медиумите, до кои секој, вклучително и политичарите и политичките субјекти, можат да поднесат претставка доколку сметаат дека некој медиум го прекршил законот или стандардите, наместо јавно политички да ги етикетираат медиуми, на што бевме сведоци изминативе денови.

Истовремено ССНМ апелира и бара од медиумите и новинарите да не се инволвираат во политички и бизнис релации и пресметки и да се водат единствено од професионалните и етички начела во извршувањето на работата.

Слични содржини