Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА и на 9 септември ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој македонската фудбалска репрезентација до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), како што соопшти денеска, во соработка со Општина Битола во изминатите 40-на денови реализираla инвестиција вредна околу 150.000 евра, со што стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед.
Поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката, службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор.
Со вложувањата и направените интервенции стадионот „Петар Милошевски“ ги исполнува европските стандарди и станува домаќин на натпревари од високо ниво. Ова претставува значаен чекор за развојот на инфраструктура и за афирмација на фудбалот во Битола и регионот, наведе ФФМ
„Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим во општината, за кратко време го доведовме стадионот ’Петар Милошевски‘ до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди. Ова претставува најдобар доказ дека кога заеднички се работи, резултатите се гледаат.“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Првиот човек на македoнскиoт фудбал најави дека следна фаза е довршување на реконструкцијата на стадионот во Тетово.
„Следна наша фаза е да го поддржиме процесот на реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, со што продолжуваме да ја исполнуваме нашата стратегија за подобрување на фудбалската инфраструктура низ целата држава.“, посочи Омерагиќ во изјава за сајтот на ФФМ.