СТАНБЕНИ КРЕДИТИ: Заострување на кредитните услови кај хипотека и бонитет на клиентот – граѓаните должат скоро 1,8 милијарда евра !   

Според последните достапни податоци, на крајот од 2025-та, најголема  кредитната задолженост на домаќинствата била по основ на потрошувачки кредити со износ од 2.312.000.000 евра што на годишно ниво претставува раст за 10,6% и за станбени кредити , со задолженост во износ од 1.775.100.000 евра, со годишен раст за дури 15,8%. 

од Vladimir Zorba
34 прегледи

Банкарската 2026-та почна со зголемена претпазливост на банкарите –заострување на кредитините услови за станбени кредити,  тренд кој започнал во последниот квартал од минатата година и продолжил годинава.

Новата Анкета за кредитна активност на НБМ покажува дека во овие први три месеци од 2026-та банките најавиле заострување на политиката за одборување на станбени кредити – пред се во делот на хипотеката, односно обезбедувањето за задолжувањето но и во оценката на кредитната способност на клиентот.

Но, заострување на кредитните услови се нотира и кај потрошувачките кредити, а еден од факторите  се и очекувањата за вкупната економска активност .

„Банките укажуваат дека речиси сите фактори од групите: „согледување на ризикот“ и „толеранција на ризикот“  придонесуваат за умерено нето-заострување на условите за кредитирање, и кај станбените, и кај потрошувачките кредити, а најголем придонес  има факторот „кредитна способност на потрошувачите“. Исто така, факторот „очекувања за вкупната економска активност“ придонесува за нето-заострување на условите кај потрошувачките кредити“ – се наведува во новата Анкета на НБМ.

Според последните достапни податоци, на крајот од 2025-та, најголема  кредитната задолженост на домаќинствата била по основ на потрошувачки кредити со износ од 2.312.000.000 евра што на годишно ниво претставува раст за 10,6% и за станбени кредити , со задолженост во износ од 1.775.100.000 евра, со годишен раст за дури 15,8%.

Кредитна задолженост – домаќинства

Потрошувачки кредити             2.312.000.000  евра

Станбени кредити                      1.775.100.000   евра

Цените на становите повторно „уриваа“ рекорди…

Овој тренд на значаен пораст на кредитната задолженост на граѓаните за станбени кредити се случува во година во која индексот на цените на невижностите бележеше двоцифрен пораст како одраз на состојбите на пазарот на невдижности во земјава, каде цените на метар квадратен повторно уриваа „историски“ рекорди.

Фото: Фејсбук

Информациите дека странски инвестициски фондови веќе „пенетрираат“ во бизнисот во недвизжности во земјава преку купување и најава за купување на стотици станови , според експертите е вовед во ново „ценовно цунами“.

„Токму кога цените почнаа да се стабилизираат, со оглед на тоа што понудата ја задоволи побарувачката се појави информацијата за купување на 250 стана од дански инвестициски фонд, што не е мал број. Купување на уште станови од страна на овој Фонд, не само што ќе ги зголеми цените на становите со оглед на тоа што сега е намален бројот на квалитетни градежни парцели во Скопје туку ќе го зголеми интересот за градење станови кај инвеститорите, изјави неодамна за „Локално“ градежниот експерт, Никола Велковски.

Лани во обид да ги „олесни“ кредитните услови за купување на прв стан, особено за младите, НБМ усвои мерка со која требаше да се намали износот за учество. Иако според банакрските “математики“ помало учеството претпоставува построги условите и  повисоки  камат, Гувернерот беше уверен дека мерката ќе придонесе за намалување на каматите.

Според податоците од платформата „Ценаквадрат“, просечната цена на метар квадратен во Скопје на почетокот од овој месец била 2.003 евра. Но цените на становите во градба надминуваат 2.500 евра во зависност од локацијата. На крајот на од последниот квартал во 2025-та, на годишно ниво индексот на цени на недвижности се зголеми за 25% а двоцифрени стапки на раст беа забележани во текот на сите квартали во 2025-та.

Д.А.