Стано: Дали Вучиќ и Хоти знаеле што потпишуваат во Вашингтон? Тоа е добро прашање за нив!

од Vladimir Zorba
281 прегледи

Прашањето дали лидерите на Србија и Косово знаеле што потпишуваат во Вашингтон, каде се обврзаа да отворат амбасади во Ерусалим, треба да им се постави на нив, бидејќи Европската унија не беше информирана за тоа, изјави претставникот на Европската комисија, Питер Стано во Брисел.

„Прашавте дали тие знаат што потпишуваат. Мислам дека тоа е многу добро прашање за нив“, рече Стано, одговарајќи на прашањето на новинарите, јави хрватската новинска агенција Хина.

Оттаму потсетуваат дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, минатата недела потпиша документ во Вашингтон со кој се обврзува дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, а премиерот на Косово, Авдулах Хоти, потпиша сличен документ, во кој се обврза дека Косово ќе ја отвори својата амбасада во Израел во Ерусалим, кога ќе се воспостават дипломатски односи меѓу двете земји.

Стано додаде дека Европската унија има информации за економските аспекти на состанокот меѓу Србија и Косово во Вашингтон, но дека не знае за делот што се однесува на воспоставување на односи меѓу Косово и Израел и преместувањето на српската амбасада. Стано потсети дека ЕУ е неутрална во однос на Ерусалим, односно дека е посветена на решение „според моделот на две држави“ – Израел и Палестина, кои можат мирно да коегзистираат, а Ерусалим да биде главен град на двете држави.

Ниту една членка на ЕУ нема амбасада во Ерусалим.

Вучиќ и Хоти повторно преговараа во Брисел под покровителство на ЕУ за нормализирање на односите и издадоа заедничко соопштение во кое велат дека им даваат најголем приоритет на евроинтеграциите и продолжување на дијалогот под покровителство на ЕУ, што е клучен елемент на нивниот пат кон ЕУ.

Вучиќ и Хоти исто така ветија дека ќе ги засилат своите напори за да се обезбеди усогласеност со ЕУ во согласност со нивните обврски.

Во заедничката изјава издадена од дипломатската служба на ЕУ се вели дека неодамна договорените документи во Вашингтон, засновани на претходните заложби во дијалогот спонзориран од ЕУ, „може да даде корисен придонес за постигнување на сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“ меѓу Косово и Србија.

Слични содржини