Растот на цените на становите во државата продолжува и покрај тоа што трошоците за градење се намалуваат, а цената на работната рака стагнира. Според податоците на Народната банка, недвижностите во третиот квартал поскапеле за 25,1 отсто, а на месечна основа се зголемиле за 4 отсто. Просечната цена на становите во Скопје достигна 1.828 евра за квадратен метар и е за речиси 330 евра повисока од минатата година кога изнесуваше 1.500 евра за квадратен метар.
-Вкупните трошоци за изградба на нови станбени згради во 2024 година опаднаа за 7,2 проценти на годишна основа, наспроти растот од 9,4 проценти во претходната година. Главен чинител на падот се значително пониските материјални трошоци, за 10,5 проценти, при стабилен пад во сите четири тримесечја. Придонес во падот на материјалните трошоци има и пониската постигната цена на истргуваното градежно земјиште за 9,5 проценти, по високиот пад од 32,7 проценти во 2023 година, информираат од Народната банка.
Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности во најскапиот стан продаден во Скопје годинава чини 3.000 евра, додека во другите градови во државата цената на квадратот е за околу 1.000 евра пониска отколку во главниот град.
Според директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Марјан Стефановски, цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното.

Марјан Стефановски
-Очигледно е дека цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното. Оттука, сите ние се соочуваме со состојба во која квадратот станува сè помалку достапен, а сè повеќе предмет на шпекулација. Иако тоа е дел од природното функционирање на слободниот пазар, неопходно е да постои рамнотежа која ќе го заштити интересот на граѓаните, бидејќи цените често се движат во насока што не секогаш одговара на реалната куповна моќ на населението, вели Стефановски за „Локално“.
До крајот на годината истекува и времената мерка со која становите се продаваат со данок на додадена вредност од 5 отсто. Но, се уште не се знае дали од Нова година становите ќе се продаваат со повластена стапка на ДДВ или таа ќе се врати на нивото од 18 отсто како што беше пред 15 години.
Градежниците велат дека доколку ДДВ се зголеми тоа ќе падне на товар на купувачите што значи дека цените на становите дополнително ќе се зголемат. На тој начин становите ќе станат речиси недостапни за обичниот работник и вистински предизвик за младите кои за прв пат купуваат сопствен стан.
Досегашните анализите кои се правени врз основа на платите и цените на недвижностите покажуваат дека за купување стан во Скопје, треба да се работи од 10 до 17 години, за во Дојран 8, а за во Крива Паланка 6 години.
Во Европа има и држави каде што младите на 19 или 21 година купуваат стан и почнуваат да живеат самостојно. Тука се вбројуваат Шведска (19 години), Финска (21,2 години), Данска (21,3 години) и Естонија (22,7 години). Но, спротивност на нив се Португалија, каде што младите живеат со родителите до 33,6 години, Хрватска (33,3 години), Словачка (30,9 години), Грција (30,7 години) и Бугарија (30,3 години).