Старите ривали во нова претседателска пресметка: Нова битка меѓу Трамп и Бајден во ноември

Кандидатурата на Бајден ќе биде официјализирана на конвенцијата на Демократската партија во Чикаго во август, а Трамп ќе биде номиниран на конвенцијарта во Милвоки во јули.

од Бети Божиноска

Американскиот претседател Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп и официјално ја обезбедија претседателската номинација на Демократската и на Републиканската партија откако победија на внатрепартиските избори во Џорџија, Мисисипи и во државата Вашингтон, што значи дека повторно ќе ги вкрстат копјата на претседателските избори во ноември, пренесува „Гласот на Америка“.

На партиските избори кај демократите Бајден освои повеќе од 1.968 делегати, што беше неопходно за и формално да ја обезбеди претседателската номинација, а Трамп ги освои потребните 1.215 за републиканската номинација.

Кандидатурата на Бајден ќе биде официјализирана на конвенцијата на Демократската партија во Чикаго во август, а Трамп ќе биде номиниран на конвенцијарта во Милвоки во јули.

Според американскиот изборен процес, на кандидатите во трка за претседателска номинација им се доделуваат делегати врз основа на резултатите од внатрепартиските избори во одделни сојузни држави. За да ја обезбеди номинацијата, кандидатот мора да има одреден број делегати кои потоа формално се изјаснуваат на партиските конвенции.

„Соочени сме со отрезнувачка реалност. Слободата и демократијата овде во САД се загрозени како никогаш досега од Граѓанската војна. Доналд Трамп води кампања на незадоволство и на одмазда што ја загрозува самата идеја за Америка. Верувам дека Американците ќе изберат да продолжат да се движат кон иднината“, порача Бајден откако ја обезбеди номинацијата.

На собирот во Џорџија, Трамп ги повтори тврдењата дека изборите во 2020 година биле наместени и го критикуваше Бајден за неуспехот да го запре протокот на мигранти на границата со Мексико. Трамп му се потсмеваше на Бајден поради возраста иако тој е само четири години помлад од него

„Претпоставувам дека тој ќе биде кандидат. Јас сум му единствениот противник освен животот,“ изјави Трамп на Си-ен-би-си во понеделникот.

Прашањето на миграцијатата е централно во неговата кампања, како и други прашања важни за републиканците, како што се абортусот и испраќањето американски средства во странство.

По изборите во вторникот во четири сојузни држави, вклучувајќи ги Џорџија и Хаваите, стана јасно дека Бајден и Трамп повторно ќе се соочат во претседателската трка на 5 ноември иако сè уште не се одржани ниту половина од внатрепартиските избори.

Ова е прв пат по 1912 година двајца американски претседатели да се кандидати на изборите.

Исто така, ова е првпат од 1956 година исти кандидати да бидат во два изборни циклуси. Тогаш републиканскиот претседател Двајт Ајзенхауер по втор пат го победи поранешниот гувернер на Демократската партија од Илиноис, Адлај Стивенсон.

Повеќето рани национални анкети покажуваат мала предност за Трамп во неколку од клучните сојузни држави, кои најверојатно ќе го одредат националниот исход на гласањето на 5 ноември. Џорџија додели најмногу делегати во вторникот, што може да биде клучно за исходот од претседателските избори во ноември.

Слични содржини