„Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати“, вели денеска во своето обраќање премиерот Зоран Заев.
„За Северна Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови. Затоа ние застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик.
Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината.
Ние сме свои на своето. Чисти пред себе и пред светот. Знаеме кои сме и точно знаеме каде одиме. И точно знаеме за што смее, а за што не смее ниту да се преговара ниту да се разговара.
Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара! Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија“, истакна Заев во обраќањето.