Врие на Блискиот Исток. Иран и Израел продолжија со нападите со ракети и беспилотни летала. Жителите во страв и паника минуваат часови во засолништа. Двете страни објавија за успешни напади врз критична инфраструктура. Техеран таргетира цивили, обвинуваат властите во Тел Авив. Американскиот претседател, Доналд Трамп вели дека двете страни треба да постигнат договор. Според израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, прашањето не е деескалација, туку спречување на Иран да го развива својот нуклеарен капацитет. Тој им се заблагодари на САД и одлучното водство на Трамп.
За тоа што не очекува понатаму во конфликтот, поразговаравме со безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски. Според него, генезата на овој конфликт имплицираше дека еден ден ќе има ескалација според интезитетот и силината. Оценува дека судирот во минатото беше латентен и се одвиваше преку прокси играчи. За него, ризикот од отворена војна е голем и останува како претпоставка дека тоа ќе се случи во блиска иднина.
Аналитичарот нагласува дека најголема улога во смирување на тензијата и овој конфликт да не добие карактер на регионална војна ќе ја имаат САД и арапските земји.
-Конфликтните точки се јасно позиционирани. За Израел е неприфатливо можното нуклеарното оружје на Иран заради егзистенцијално опстојување во тоа опкружување, додека Иран се има „заречено“ дека еден ден Израел ќе биде уништен. Има неколку фази на овој конфликт во овој временски период. Израел е во постојана офанзива во елиминирање на Хезболах, Хамас и Хутите од непосредната зона на опасност за нив и тоа го прави успешно. САД исто така ги таргетира пред се Јеменските Хути, но во исто време преговара со Иран за нуклеарната програма, вели Стефановски за „Локално“.
Соговорникот анализира дека еврејската држава почувствува дека Иран сега е послаб после клучните елиминации на врвот на Хамас и Хезболах, како и на Иранската револуционерна гарда.
-Амплитудата на овој конфликт има сила да се шири во регионот во кој секој има интерес. Засегнати се поголем број на држави кои гравитираат околу Блискиот исток, а непосредно во опасност е и светската економија заради осцилациите на нафтата како сеуште базична суровина за светската индустрија. Иран несомнено има капацитет да создаде нуклеарно оружје, прашање е на време, но тоа ќе ги поремети интересите на САД и Израел во тој регион, но и на Саудиска Арабија, Катар, Ирак, Емиратите итн. Реално никој во тој комплет не сака Иран да биде доминантен, смета Стефановски.
Аналитичарот вели дека зачудува инертноста на Русија која остана дистанцирана од овој конфликт и дипломатски и воено, знаејќи ги интересот на официјална Москва во овој регион преку Иран.
-Дури и да е некоја компензација која Русија би ја добила на сметка на губење на позициите во Сирија и Иран, сепак Русија покажа дека е регионална сила, а не глобална, така што чувството е дека Русија навистина нема кредибилитет да биде фактор. Да беше кредибилен сојузник на Иран, веќе на пат за Техеран ќе беа модерни против воздушни системи, хиперсонично оружје итн, односно она што го добива Украина од своите партнери, заклучува Стефановски.

Напади врз Тел Авив, Израел
Иранското МНР предупреди дека безусловната поддршка од западните влади за израелската агресија го загрозува светскиот мир. Техеран побара САД, Велика Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот во спротивно новите бази ќе станат легитимни цели. Лондон веќе испрати борбени авиони и друга воена опрема на Блискиот Исток, како поддршка на сојузниците за евентуални операции.
Во сенка на воените дејствија на Блискиот Исток, Самит на Г 7 во Алберта, Канада.
„Иран е главен извор на регионалната нестабилност и никогаш не може да има нуклеарно оружје. Дипломатското решение останува најдобриот начин на долг рок, за решавање на загриженоста во врска со нуклеарната програма“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
„Ја изразуваме загриженоста за капацитетите за нуклеарно оружје што претставува закана за безбедноста во регионот. Но, ние, заедно со другите земји партнери сакаме да му дадеме приоритет на дијалогот и дипломатијата“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Израел го обвинува Иран за поддршка на происламските милитантни групи во регионот, Хамас и Ал Фатах. Техеран не го признава постоењето на израелската држава.
Н.П.