Стефоска: Отворени сме за унапредување на културната соработка со сите соседи

од Aleksandar Petrovski

Oтворени сме за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Ова во интервју за МИА го изјави министерката за култура Ирена Стефоска осврнувајќи се на добрососедството и колку тоа влијае на културното наследство.

Министерката посочи дека во иднина ќе иницира чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината.

Со оглед на тоа што прпват доаѓа на оваа функција, Стефоска посочи дека врвен приоритет ќе и биде заштита на културното наследство, евроинтеграциите во културата, а посебен фокус ќе посвети и на младите.

-Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници, рече министерката.

Според Стефоска, Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните.

-За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба, појасни таа.

Во врска со споменикот Мајка Тереза, како еден од спомениците од проектот „Скопје 2014“, Стефоска посочи дека експертите увиделе низа неправилности, но како што рече, сите овие години Министерството соработува со Општина Центар и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе се преиспитаат сите законски можности и предлози за да се изнајде решение со кое скопјани ќе се гордеат.

Стефоска очекува новиот Закон за јавен интерес во културата веднаш да влезе во собраниска процедура, а потенцира и дека се работи на подобрување на критериумите на Годишните конкурси.

Слични содржини