Стејт департмент: Владата на С. Македонија генерално ги спроведува законите, но има извештаи за корумпирани функционери

од Vladimir Zorba
372 прегледи

Сите земји од Западен Балкан сè уште имаат проблеми со корупцијата, која е пречка за директните странски инвестиции, се вели во извештајот за Инвестициската клима објавен од Стејт департментот.

Владата на Северна Македонија генерално ги спроведува законите, но има бројни извештаи за корумпирани функционери, анализираат оттаму.

„Додека инвестициската клима во Северна Македонија е генерално атрактивна и правната рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е голем предизвик во оваа земја“, според Стејт департментот.

„Големите странски компании кои работат во Северна Македонија генерално известуваат за позитивни инвестициски искуства и имаат добри односи со државата.

Сепак, сложената севкупна клима во земјата и честите регулаторни и законски промени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување, склоно кон корупција.

Владата генерално ги спроведува законите, но има бројни извештаи дека некои функционери и понатаму се корумпирани.

Направени се и напори за привлекување нови инвестиции во услови на ублажување на ефектите од енергетската криза и инфлацијата“, пишува во извештајот.

„Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги поврзани со корупција, вклучително и неколку со високи функционери, а вицепремиерот за добро владеење се фокусираше на структурни и процедурални промени за намалување на можностите за корупција“, велат од Стејт Департментот во извештајот за земјава.

Што се однесува до другите земји од Западен Балкан, според извештајот, во последните години, инвестициската клима во Србија е „скромно“ подобрена, иако, како што се наведува, загрижува големото политичко влијание врз економијата.

Корупцијата во Црна Гора е најраспространета во секторот за јавни набавки, додека сложените институционални, политички и територијални структури на Босна и Херцеговина (БиХ) ја комплицираат економската клима во земјата и ги одвраќаат странските инвеститори.

Политичкото влијание и слабото владеење на правото,пак, се пречка за директните странски инвестиции во Косово.

Слични содржини