Стејт департментот бара од Србија да ги ослободи тројцата косовски полицајци

од Nikola Popovski
301 прегледи

Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) сметаат дека Косово и Србија мора да преземат итни чекори за деескалација на тензиите, што вклучува безусловно ослободување на тројцата уапсени косовски полицајци, пишува „ВОА“.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер на прес-конференција соопштил дека двете страни треба да го спроведат планот од три точки на Европската унија без одлагање.

„Како дел од ова, премиерот Курти и неговата влада мора да се погрижат избраните градоначалници да ги извршуваат преодните должности од алтернативни локации и да ги повлечат полициските сили. Продолжуваме да го осудуваме неприфатливото насилство врз членовите на КФОР, полицијата и новинарите“, рече Милер.

Тој додал дека САД се уште се ангажирани за ова прашање и дека се во директен контакт со двете страни и со американските партнери во регионот.

Милер изјавил дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарал со партнерите во регионот за тоа и дека специјалниот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле имал директни разговори.

Милер не сакал да зборува за можните активности што САД ќе ги преземат, вклучително и санкциите.

„Нашиот фокус е да им дадеме до знаење на двете страни дека очекуваме да преземат итни чекори за намалување на тензиите и спроведување на планот на ЕУ“, рекол Милер.

Слични содржини