САД ќе работат со двете страни да се одржат придобивките на Преспанскиот договор, изјавија од прес-службата на американскиот Стејт департмент по изјавите на премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски и неговите објави на социјалните мрежи од Самитот на НАТО во кои го користеше само зборот Македонија.
Во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, претставник на Службата за односи со јавност вели дека „Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа“.
„САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“, изјавија од прес-службата на Стејт департментот.
Пред почетокот на Самитот, премиерот Мицкоски јавно уставното име на државата го кажа неколкупати на дебата во Школата за меѓународни односи на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на брифингот за грчки медиуми на крајот на Самитот на НАТО во Вашингтон, кажа дека Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО го користел уставното име на државата.
Мицотакис кажа и дека ги информирал колегите во НАТО оти Мицкоски не го спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.
„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не го спроведува клучниот член од договорот во врска со употребата на ерга омнес и неговата одлука да ја нарекува неговата држава ‘Република Македонија’ дома, што очигледно е изрично забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата и во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја“, изјави Мицотакис.
Мицкоски, во изјавата што ја даде пред влезот на Центарот каде што се одржуваше Самитот, во средата, на прашање на новинар од МТВ избегна да го употреби уставното име, а и потоа во сите објави на социјалните мрежи и во видеото што самиот го сними и го објави ја нарекуваше државата Македонија, што било забележано од грчките медиуми, па на брифингот новинарите го прашаа Мицотакис дали грчката Влада размислува да ги искористи одредбите од членот 19 од Договорот од Преспа, кој предвидува конкретна постапка во случај да се констатираат прекршувања.
Мицотакис кажа дека во овој момент Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на раководството на соседната земја“, но додаде дека „вака или онака тие ќе сфатат дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна“.