Стејт Департментот силно ги поддржува сите напори за истрага на корупција во С. Македонија

од Nikola Popovski
221 прегледи

САД силно ги поддржуваат напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние кои ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист. Со ваков став излегол портпаролот на Стејт Департментот во изјава за ВОА на македонски јазик,  на прашање за иницијативата на Министерството за надворешни работи да се санкционираат и дома лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД.

-Иако не коментираме за законодавството што се очекува, ние поздравуваме и силно поддржуваме какви било и сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ja злоупотребуваат јавната доверба за лична корист, додадел од Стејт департментот.

Нагласиле дека „институционалните и законски реформи кои ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата би биле добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“.

Македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, ќе почувствуваат санкции и од домашните власти.

Измените ги најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, член на ДУИ, од каде доаѓа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, единствениот актуелен функционер што минатата година се најде на американската црна листа. Најавите стигнаа и по средбата на холандскиот амбасадор Дирк Јак Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која амбасадорот рекол дека Холандија е загрижена поради континуираниот „пад на владеењето на правото во Северна Македонија“ и истакнал дека е „неприфатливо политичкото влијание врз претседателот на Врховниот суд“.

Според актуелниот закон, предлагачи на рестрикции до Владата може да бидат МНР, МВР, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Финансиската полиција итн. Ако поминат измените што ги најавува Османи, новина ќе биде тоа што во случај Владата да воведе мерки, институцијата-предлагач ќе мора да го извести и Јавното обвинителство кое ќе има обврска да отвори постапка за конкретното лице или фирма.

„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко, итн. им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков. По ова, Владата во ноември минатата година, најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица коишто се на листа на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен ОН и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.

Слични содржини