Стигна реакцијата од Израел за Велика Британија: Ова е награда за Хамас и им штети на напорите за прекин на огнот

Во службеното соопштение од Даунинг Стрит 10 се наведува дека признавањето на Палестина е „неотуѓиво право на палестинскиот народ“ и дека ставот на британската влада секогаш бил дека признавањето ќе биде дел од поширокиот мировен процес.

од desk2
19 прегледи

„Ова е награда за Хамас и им штети на напорите за прекин на огнот“, порача министерството за надворешни работи на Израел, по најавата од Велика Британија дека ќе ја признае Палестина ако Израел не преземе конкретни чекори за прекин на војувањето во Газа и за обнова на мировниот процес.

„Промената на ставот на британската влада во овој момент, по францускиот потег и внатрешните политички притисоци, претставува награда за Хамас и им штети на напорите да се постигне прекин на огнот во Газа и рамка за ослободување на заложниците“, порача израелското МНР преку социјалната мрежа Х.

Најавата од британскиот премиер Кир Стармер за потенцијалното признавање на Палестина се случи вчера, неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН во септември.

Во службеното соопштение од Даунинг Стрит 10 се наведува дека признавањето на Палестина е „неотуѓиво право на палестинскиот народ“ и дека ставот на британската влада секогаш бил дека признавањето ќе биде дел од поширокиот мировен процес. Сепак, „поради сѐ понеподносливата ситуација во Газа и сѐ помалкуто надежи во мировниот процес“, моменталниот контекст бара порешителни чекори.

Стармер истакна дека признавањето ќе уследи ако израелската влада не се согласи на итен и траен прекин на огнот и јасно ангажирање за мировниот процес, со јасна обврска дека нема да се вршат анексии на територија на Западниот Брег (другата палестинска територија, која сепак има многу помалку учество на Палестинците во управувањето отколку што имаше Газа).

Стармер повтори и дека „не се прави изедначување меѓу Израел и Хамас“ и дека остануваат британските барања за Хамас: ослободување на сите заложници, прифаќање прекин на огнот, одрекнување од каква било политичка улога во идното управување со Газа и целосно разоружување.

Велика Британија најави признавање на Палестина доколку Израел не стави крај на „ужасната ситуација во Газа“