Стојанов ѝ се заблагодари на македонската полиција: Нема да има блокади или провокации на чествувањето на Гоце Делчев

од Nikola Popovski

Контроверзниот основач на фондацијата „Македонија“ Виктор Стојанов уште еднаш ги повика сите Бугари да дојдат на чествувањето на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Тој преку објава на социјалните мрежи тврди дека нема да има и нема да бидат дозволени никакви барикади, блокади или провокации.

-Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на чествувањето! Организиравме превоз со автомобили од Софија. На граница ќе нè пречека полицијата на Северна Македонија и ќе обезбеди превоз до гробот на Гоце Делчев и назад. Во 11:30 часот на паркингот кај Калето ќе дојдат и нашите пријатели од Скопје и Бугарите од цела Северна Македонија, иако поради страв од напади нема да ги има многу, напишал Стојанов.

Тој им заблагодари на Министерствата за внатрешни работи на Македонија и Бугарија „што ќе го обезбедуваат редот и мирот за заедничка прослава на роденденот на Гоце Делчев во духот на разбирањето и пријателството“.

Стојанов не смее да влезе во Македонија бидејќи има забрана која важи до 31 јули оваа година.

Пред десетина дена Стојанов се закани дека „кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без неа“.

-Ние ќе дојдеме илјадници. На нашиот брат му посакуваме брзо закрепнување! Денеска очекуваме брз и адекватен одговор од Бугарија! А очекуваме и реакција од бугарското општество! Затоа што Бугарите во Северна Македонија ги тепаа по улица! Сакаме Северна Македонија брзо да ги уапси и обвини тројцата напаѓачи кои му нанесоа телесни повреди на Христијан, напиша Стојанов, откако беше потврдено дека бил претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.

 

 

Слични содржини