Говорот на омраза мора да исчезне во нашите билатерални односи со Република Северна Македонија, рече министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев во виртуелна дискусија за приоритетите на словенечкото претседателство, организирана од „ПанЕвропа Бугарија“ во партнерство со фондацијата „Конрад Аденауер“.
Стоев ја посочи изјавата на членот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ѓуровски и посочи „дека не можеме да бидеме во едно семејство и да продолжиме да го користиме овој вулгарен јазик на јавен простор и од страна на политичките сили“.
„И најлошото е што тие се во младинското движење“, истакна тој.
Досега нема официјална реакција од македонска страна, рече министерот.
„Како да се најде решение во блиска иднина, кога ова е реалност“, вели Стоев.
„Од првиот момент кога ја презедов функцијата министер за надворешни работи, објавив дека сме отворени за дијалог, но дијалогот мора да биде конструктивен, добронамерен и заснован на доверба, во моментот нема доверба кога разговараме еден со друг“, рече министерот Стоев.
„Довербата е изгубена и затоа што голем број политичари од Република Северна Македонија избраа да ги посетуваат главните градови на земјите-членки на ЕУ, наместо да доаѓаат во Бугарија и да разговараат со своите партнери тука“, рече тој. „Како што се испостави, овој притисок што тие се обидоа да и го наметнат на Бугарија преку нашите партнери во ЕУ, не доведе до резултати“, коментира Светлан Стоев.
„Крајно време е да се разбере дека најдиректен начин за решавање на ова прашање е билатералниот дијалог“, нагласи тој. „Бугарија не сака да внесе уште едно билатерално прашање во рамките на ЕУ“, истакна Стоев.
„И бидејќи се слуша дека ова е себичен национален мал интерес на Бугарија, можам да ви кажам дека нема ситни национални интереси, националните интереси се едно и не се поделени на мали и големи, тие се национални“, рече министерот.
Стоев во својот говор на дискусијата истакна дека привремената влада е во ситуација да се усогласи со декларацијата на Националното собрание и владината рамка одобрена од парламентот на последната редовна влада. „И овие црвени линии, дефинирани од апсолутното мнозинство на политичките сили во парламентот, се почетна точка за нашата конзистентна политика и во моментов кон Република Северна Македонија“, коментира тој.
„Разликата помеѓу претходната влада и сегашниот кабинет е во дијалогот, кој се обидуваме да го спроведеме на конструктивна основа и во насока што ќе ги даде потребните гаранции за продолжување на овој дијалог со редовно избраното Национално собрание и владата“, коментира тој.
„Можеби она што се разликува од претходната влада е активното објаснување на бугарската позиција кон нашите европски партнери, ова е можеби нешто што недостасуваше до сега“, рече министерот Стоев.
„Она што го гледаме во оваа фаза е дека ние сме слушнати“, додаде тој.