Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски информира дека Советот на Општината јасно и недвосмислено ја отфрла, како што вели, секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови. Тој тврди дека во неговата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Стојкоски оценува дека свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница.
-Ги повикуваме сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите. Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци: нема мигрантски кампови во општината, не е побарано ниту е договорено прифаќање мигранти и нема да биде дозволено трајно сместување на мигранти, соопшти градоначалникот.
Според него, со заклучоците на денешната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров: се осудуваат лажните информации и политичките манипулации, се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност, се потврдува јасна политика против нелегалната миграција, се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност и се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.